ШАХ – ТУРНИРИ НА КАНДИДАТИТЕ
- Таа победи на Турнирот на кандидатки со 8,5 поени од 14 партии и ќе ја предизвика четирикратна светска првенка во низа Ју Венјун од Кина
Индиската шахистка ВМ Ваишали Рамешбабу (рејтинг 2.470 поени) ќе ја предизвика актуелната четирикратна светска првенка во низа, ВМ од Кина, Ју Венјун (2.559), за светската круна годинава. Рамешбабу (24) победи на Турнирот на кандидатките во Пафос (Кипар), со 8,5 поени од 14 партии. Во возбудливото 14. коло таа ја победи Катерина Лагно (Русија), а Бибисара Асаубаева (Казахстан) освои половина поен против Дивја Дешмук (Индија) и го освои 2. место. Други резултати од 14. коло: Ана Музичук (Украина) – Жу Џинер (Кина) реми, Александра Горјачкина (Русија) – Тан Жонгји (Кина) 1-0.
– Неверојатно, сонот ми се оствари. Кога загубив од Џинер, сѐ стана отворено и среќна сум што успеав да останам фокусирана во последните две кола и да дадам сѐ од себе. Би сакала да им се заблагодарам на моите родители и на семејство, без нив немаше да бидам тука, на мојот неверојатен тим, кој ми помагаше секој ден, и на сите мои спонзори, кои ме поддржуваа многу години. За едно семејство, долго е патувањето да има двајца професионалци дома. Моето семејство мораше да направи многу жртви во почетокот за мене и за помладиот брат Прагнананда, но веќе десет години имаме поддршка од спонзори. Тоа е колективен семеен напор во текот на многу години и секој од нас игра улога – рече Рамешбабу, пренесе ФИДЕ.
Таа е двократна шампионка на Големиот турнир (швајцарски систем) за жени во 2023 и 2025 година, обезбедувајќи пласман на две изданија на Турнирот за кандидатките, во 2024 и годинава. Во 2024 година таа освои бронзен медал на Светското првенство во брз шах за жени. Нејзиниот помлад брат Прагнананда е шаховски велемајстор. Рамешбабу стана ВМ во 2024 година, сега е четврта шахистка по рејтинг во Индија, а 19. во светот. Највисокиот рејтинг (2.506) го достигна во август 2024 година. Кај шахистите еден ден претходно Јавокир Синдаров (Узбекистан) го обезбеди првото место на Турнирот на кандидатите.
Табела, мажи: Синдаров 10 поени, Гири 8,5, Каруана 7,5, Веи 7, Накамура 6,5, Блубаум и Прагнананда по 6, Есипенко 4,5.
Табела, жени: Рамешбабу 8,5, Асаубаева 8, Џинер и Горјачкина по 7,5, Музичук 7, Лагно 6,5, Жонгји и Дешмух по 5,5. Г.И.
































