Ова е една од колумните за кои имав голем проблем кога ги пишував и со тоа како да ги напишам. Во услови по фијаското на патот со интеграцијата во ЕУ, да пишуваш за теми настрана од оваа и да останеш релевантен е предизвик. Но упорноста на Литванија да го спроведе ембаргото кон Русија, иако опасен за човештвото, но крајно релевантен потег од аспект на поривот што го имаат против Русија, е она што ја дава релевантноста за дебата на оваа тема. Тежината, пак, за која во насловот имплицирам околу темата е повеќеслојна. Првично, ме разгневи дрскоста со која Макрон онака ноншалантно си го згази меѓународното право, кон Македонците. Потоа, игранката за по дома, облакот за тоа кој е крив, уште повеќе. Ај што елитните пера не можеш да ги препознаеш во тоа како се фрла дрва и камења по Европа, туку, што само некои, повремено, начнаа една суштински проблем, тоа е дека со предлогот на Макрон се подрива Преспа.
Да, драги мои, прочитајте ги условите и ќе ви стане јасно, зашто, ако Франција инсистира на предлогот со Бугарија, основата на решението со Грција пука по сите „шевови“. Е, сега, тука има едно но. Тоа, драги мои, е дека и кај нашите пријатели, со кои триесет години се обидуваме да учиме демократија, има проблем. Не можам да купам никакви приказни од стилот „ф-инг ЕУ фатик“, или „ЕУ-крајзес“, оти цело време во тие три декади приказната за ЕУ-интеграциите е дека е двонасочна улица. Да поедноставам, ако сте сфатиле дека елитата во регионот има проблем и не сте направиле ништо да се одвоите од неа или да го пополните вакуумот што сте го создале со народот, тогаш и кај вас има проблем.
Да не одиме подалеку, модерната кованица „стабилитократија“ е ваша, во која сами признавате дека повлекувањето на ЕУ создаде деспоти на Балканот, кои во име на ЕУ-интеграцијата ги киднапираа државите на Балканот, а за мир во куќа, Европа си премолчи. За да не бидеме сфатени погрешно, целата приказна е од причина што оставањето вакви рани или францускиот обид да реши проблем, а да растури старо решение е само „кикс“, кој нема ништо друго туку дестабилизирачки ефект поради две работи. Прво, наместо да го решава овој проблем, отвора проблем оти нема одговор за отворените агресорски аспирации (нема да се осврнувам, доста се експлоатираше тоа во периодот). Второ, некои „западни“ аналитичари веќе укажаа на можната опасност од „албанизирање на проблемот“. Тоа е повеќенасочно. На пример, како што имплицира Михаил Мартенс (бидејќи беше најексплоатиран деновиве, иако не е единствен), овој предлог ќе ги поларизира односите внатре во Македонија. Преписките веќе почнаа (Бујар наспроти Николовски). Дополнително, иако аргументот им е различен и опозицијата и позицијата во македонскиот етнички табор се против ваква македонска европеизација. Тоа го потхранува евроскептицизмот и бара легитимирање стратегиска алтернатива – што е ултраопасно за македонските Албанци, кои барем засега имаат проблем како да го помират наративот со, да бидам искрен, храбрата реторика на Рама. И конечно, ова е проблематично оти само дел од ЕУ се занимава со ова (а читаме дека Западен Балкан е од исклучителна важност). Португалскиот предлог, кој исчезна некаде по ѓаволите, заедно со Шпанија и со Италија ни да „бекнат“ по ова прашање. Грција, која многу е засегната, оти нејзиниот проблем е начнат, е целосно фокусирана на потенцијална ескалација со Турција. Германија си гази со хипокризија во стилот на онаа нашата на „кучето држи на зајакот бегај“ (едно во Скопје друго во Софија). Источноевропските земји, пак, целосно фокусирани на Украина и на Русија, речиси и не знаат што се случува. Оние од Централна и делумно Југоисточна Европа (како Австрија, Словачка, Чешка или Словенија и Хрватска на пример) ќе нѐ „потапкаат“ по рамо и „бркаат работа“. И конечно, хипокрити на овој квартал ми се Шведска и Финска, чии дипломати ни продаваат демократски приказни за градење мостови, а дома кај нив дебатите (за разлика од нивната хипокризија, да бидеме искрени, со право) им се исполнети со милитаризам – оти, нели, егзистенционални им се прашањата. И додека јас се тешам дека нема да зборувам за тешките прашања и ми летнала половина колумна, од пред една седмица „улетува“ Литванија, онака фудбалски „клизачи“ – демек со блокадата на Калининград.
Тоа, драги мои, ако знаете колку е опасно, ќе се замрзнете. Калининград има мошне динамична историја. Според западните ставов,и некое време историски е мошне значаен германски град, кој по Втората светска војна им припаѓа на Советите, со конференцијата во Потсдам. Една од работите на кои постојано инсистираме во овој форум е дека претпоставките и геостратегиската рамка се „гејм-чејнџер“ и ова можеби е најелоквентен пример за тоа. Со крајот на Студената војна, оваа територија станува проблем. Особено тоа е случај со евроатлантските интеграции што оваа територија ја прават изолирана руска точка. Литванија е една од земјите низ кои мора да помине пругата до Белорусија за да се стигне во Русија. Сето ова комплексно парче земја и не беше толку комплексно (пак ќе повториме) кога геостратегиските односи беа релативно „океј“ во изминатите две и нешто плус декади. Имајќи предвид дека Советите не биле така наивни, ова парче земја е клучна точка во целата географија (многу битна во рускиот пристап на решавање на проблемите – нешто што неколкупати сме го артикулирале). Оттука, знаејќи дека тоа е единственото место на Балтикот за Русија што не замрзнува, ја натера руската воена мудрост да ги распореди системите „искендер“токму таму. Страшното сега е што овие глави имаат нуклеарен префикс и да, драги мои, тоа е потврдено од оние што мошне прецизно предвидоа што ќе направи Путин кога никој не веруваше во тоа. Напнатоста доаѓа оттаму што ова парче се искомплицира со одбивањето на Литванија да дозволи според неа, а ние би рекле со право, прекршување на европското ембарго кон Русија. Проблематично за Русија е што просторот е отсечен физички и тешко може да го брани. Но, според студијата на американската РАНД-корпорација од 2016 година, овој простор е проблематичен и за НАТО, бидејќи Сувалки процепот, во должина од околу 100 км, е единственото парче земја од каде што може да се брани територијата.
Ставено во контекст на сите идентификувани лекции за руските капацитети во реалноста и процените за нивната моќта, би рекле дека проблемот е посуптилен отколку што може да се замисли. Еве зошто. Студијата на РАНД, од пред неколку години, со зачудувачка прецизност утврдува дека лесни сили како десантната пешадија на САД, може да направат упорна одбрана, која ќе ја запре руската инвазија и ќе искомплицира брз напредок. Но, исто така, укажува на нешто што е загрижувачко и навлегува подлабоко од само гола оперативна анализа. Цената по која оваа одбрана ќе треба да се анализира е многу висока. Ставено во контекст на масовната и неселективна уништувачка кампања на руската воена моќ во Украина, опасноста доаѓа од тоа дали европските партнери ќе имаат стомак за една ваква одбрана.
Сето ова, драги мои, се случува спроти можеби најважниот НАТО-самит по крајот на Студената војна, кој, за разлика од либералниот превез, сега ќе биде максимално воен и комплексен (НАТО ќе ги зголеми силите за брза реакција значително од 40.000 на над 300.000). Самитот ќе треба да ги испегла пројавените разлики помеѓу сојузниците во амбицијата и агилноста да го испорачаат ветеното. На една страна, според најголемите критичари во САД, Франција и Германија каскаат во споредба со потенцијалот што го имаат, на друга страна се балтичките земји и особено Полска, која донираше дури 200 тенка досега. Следна борба со која се соочуваат сојузниците е внатрешната (раната на либерализмот), да се задржи релевантноста пред сопственото гласачко тело спроти сѐ поевидентната социоекономска криза и кризата за храна како „јамб во најава“. Преку „барата“, пак, има најава за тектонски промени, особено што помеѓу републиканците има смена на сенатори што беа проподдршката за Украина со сенатори што се про-Трамп и со тоа критични кон помошта за Украина. Уште повеќе, дури и некои прогресивни демократи се заканија со блокада за помошта ако Пентагон не ги осигури дека има точна слика за тоа каде завршува помошта. Поради просторот, а и поради релевантноста, во наредниот број детално ќе се осврнеме на стратегиско-оперативната анализа на потенцијалниот конфликт од Калининград, во надеж дека работите нема да ескалираат.
Методи Хаџи-Јанев
(Авторот е универзитетски професор, придружен професор на Државниот
универзитет во Аризона, САД.)