Фото: Маја Јаневска-Илиева

Од пресметките може да се констатира дека практично е невозможно потрошувачката на четиричлено семејство да биде под 210 киловатчасови месечно, односно дека најголем дел од семејствата – потрошувачите ќе бидат во Блок 2 или во Блок 3

Идејата за поделба на блокови за потрошувачка енергија според кои ќе се утврдува цената за потрошен киловат час во пракса ќе покаже дека е речиси невозможно едно четиричлено семејство да ги задоволи сите потреби во текот на еден месец, а да потроши по 210 киловатчасови месечно електрична енергија и да влезе во првиот тарифен блок, во кој се очекува цената ќе биде најприфатлива и најниска.

До ваков заклучок доаѓа професор Васил Шаревски од Машинскиот факултет, чиј научен интерес е термотехника и термоенергетика, кој ни испрати кратка анализа во која се гледа дека едно четиричлено семејство користејќи ги сите апарати во домаќинството за еден месец ќе потроши многу повеќе електрична енергија.

Фото: Машински факултет

– Во врска со блок тарифите за цената на електричната енергија (во скапа тарифа), од страна на Регулаторна комисија за енергетика и водни ресурси (РКЕ) е предложено  потрошувачката на електрична енергија во Блок 1 да изнесува до 210 киловатчасови месечно. Со едноставна анализа може да се утврди дека потрошувачката на просечно четиричлено семејство е значително поголема од 210 киловатчасови месечно – посочува тој.

Вели дека податоците за капацитетот на електричните уреди се дадени на секој од нив и можат да се прочитаат, па граѓаните можат сами да пресметаат колку електрична енергија ќе потрошат во текот на еден месец, а со тоа и да видат каде можат да заштедат.

– Од пресметките може да се констатира дека практично е невозможно потрошувачката на електрична енергија да биде под 210 киловатчасови месечно, односно дека најголем дел од семејствата – потрошувачите ќе бидат во Блок 2 или во Блок 3. Впрочем граѓаните ова ќе го констатираат со испорачаните сметки за месец jули – објаснува тој.

Додава дека во зимскиот период потрошувачката на електрична енергија ќе биде уште поголема во однос на летото.

– Ако не јадеме, не користиме клима и не се бањаме ќе потрошиме помалку од 210 киловатчасови во месецот, колку што е првата блок тарифа – заклучува профеосорот Шаревски.

Ова е неговата кратка анализа за ПОТРОШУВАЧКА НА ЕЛЕКТРИЧНА ЕНЕРГИЈА ЗА ПРОСЕЧНО ЧЕТИРИЧЛЕНО СЕМЕЈСТВО:

1. Електричен шпорет
• просечна инсталирана моќност на рингли на електричен шпорет изнесуваат 1,2 – 2 киловати, а на рерната 2,5-3,5 киловати.
• за подготовка на еден оброк и кафе (времетраење од 3 часа) ќе се потрошат минимум 6 киловатчасови на ден.

2. Клима уред
• за клима уред со ладилен капацитет 3,5 киловати, инсталираната моќност на електромоторот за погон на компресорот изнесува 1,45 киловати.
• новите клима уреди со инвертер (поекономични), просечна моќност 1 киловат, за 10 часовна работа ќе потрошат 10 киловатчасови на ден.

3. Електрични бојлери за тоалет и кујна
• За загревање на 240 литри на ден (60 литри на ден за човек) вода од 15 степени Целзиусови на 40 степени ќе се потрошат 7 киловатчасови на ден. Преку ден, односно во скапа тарифа, бојлерите вкупно би работеле 2,5 часа дневно (грејачите на бојлерите се со капацитет 2 – 3 киловати)

4. Ладилник
• Електрична моќност на компресорот изнесува 150 – 250 вати. За 16 часовна работа (во скапа тарифа) потрошувачката на електрична енергија изнезува 3,2 киловатчасови на ден.

5. Лаптоп /Десктоп компјутер/Мобилни телефони
• Mинимална потрошувачка на елeктрична енергија за два уреди изнесува 1 киловатчас на ден.

– Со ваква пресметка се заклучува дека вкупната потрошувачка на четиричлено семејство на ден е 27 киловатчасови, односно 810 месечно – вели професорот.

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги ќе објави колкаво ќе биде поскапувањето на струјата од 1 јули. Претходно објави како ќе се пресметуваат сметките за струја за домаќинствата во скапа тарифа, нов модел кој ќе почне да се применува од јули. Така, границата на првиот тарифен блок е 210 киловат часови потрошена струја во период од 30 дена. Вториот тарифен блок е до 630 киловат часови потрошена струја во период од 30 дена. Третиот блок е до 1.050 киловат часови, а четвртиот блок е над 1.050 киловат часа.