Волонтерот помага при невремето од 25 јуни оваа година Фото: ДПД

По искуствата со ланските пожари и сумирањето на штетите, граѓаните почнаа да се самоорганизираат, а и локалните и централните власти како да станаа свесни оти нештата ќе мора да се сменат

РЕПОРТАЖА: ВО ПРЕСРЕТ НА СЕЗОНАТА НА ПОЖАРИ

За да не им се повтори ситуацијата од ланскиот август, кога околу градот гореа над илјада хектари шумска површина, додека надлежните си ја префрлува одговорноста едни на други, а голем број граѓани од градските кафулиња само набљудуваа како стихијата им се доближува, група ентузијасти, главно помлади луѓе од Делчево пред неколку месеци ја започнаа постапката за формирање доброволно противпожарно друштво (ДПД).
ДПД „Волонтер – Делчево“, во согласност со донесениот статут, ќе функционира како доброволна хуманитарна невладина и непрофитна граѓанска организација, чија основна цел ќе биде помагање при гаснење пожари и справување со елементарни непогоди, но ќе спроведува и разни еколошки акции и ќе им помага на загрозените категории на граѓани.
– Идејата тргна од лани, кога луѓето низ градот пиеја кафе додека околу им гореа имотите. Јас бев еден од тие што веднаш ѝ се ставив на располагање на единицата за противпожарна заштита и одев и по 20-30 километри од градот за да помогнам во гаснењето на пожарите, зашто знаев дека ако огнот се доближи до градот, сѐ ќе отиде – објаснува основачот на организацијата Борче Поповски.

Во меѓувреме тој, заедно со другите основачи на организацијата, учествувал во вежбите и во обуките на локалната професионална единица за противпожарна заштита.
– И тие константно имаат проблем со опремата и со средствата, а за организација и за координација со другите надлежни служби воопшто и да не зборувам. Затоа решивме дел од одговорноста да преземеме и ние како граѓани. Тоа особено зашто во овој регион има сѐ помалку луѓе, особено во професионалните служби – додава тој.
Тој очекува дека овој начин на граѓанско организирање, кој тие, како што вели, го копирале од Кочани, ќе заживее низ цела Македонија, дека со помош на државата и на приватните донатори ќе добијат и соодветен третман и опрема. Вакви доброволни организации, според објавата на Противпожарниот сојуз на Македонија, се регистрирани во многу места низ земјава и нивните припадници имаат приоритет при евентуална потреба за ангажман како помош на професионалните единици, но можат да ги ангажираат и приватните фирми и граѓани заради заштита на нивните имоти.
По неколкугодишна неактивност на Противпожарниот сојуз на Македонија, на почетокот од оваа година беше најавено возобновување и реорганизација на целиот систем на функционирање на републичкиот и на општинските противпожарни сојузи.
Со изборот на новото раководство на Сојузот, се очекуваше омасовување и интензивирање на активностите на сите нивоа од доброволното пожарникарство.

– Ако сакаме да бидеме дел од Европскиот систем за заштита и спасување, што поскоро треба да поставиме нова национална стратегија и да го омасовиме доброволното пожарникарство во Македонија. Процесот ќе бара активно вклучување на државните институции во овој сегмент и будење на свеста кај еден дел од популацијата дека сѐ што постои во Македонија е наше и мораме да се потрудиме да го заштитиме – изјави при неговиот избор за претседател на Сојузот, Зоран Кочоски.
Инаку, според некои објави, организираното доброволно пожарникарство во земјава постои од 1836 година, но неговата состојба веќе подолг период била на многу ниско ниво според бројот на активни доброволни противпожарни друштва, членството и материјалната опременост.
По искуствата со ланските пожари и сумирањето на штетите, граѓаните почнаа да се самоорганизираат, а и властите како да станаа свесни оти нештата ќе мора да се сменат.
Драги Тарчуловски, државен советник во Центарот за управување со кризи (ЦУК), пред некој ден изјави дека, меѓу другото, мора посистематски да се работи на тоа и да се зголеми бројот на доброволни противпожарни друштва што би можеле да бидат повикани за справување со пожари на отворен простор.
За таа цел, минатата недела беше реализирана обуката за справување со пожари на отворен простор за просторните сили на Шар Планина.
Со обуката, која ја спроведоа Дирекцијата за заштита и спасување и Противпожарната единица од Тетово, беа опфатени повеќе од 30 волонтери од граѓанското здружение за унапредување на мерките за заштита од пожари „Доброволно пожарникарство“ од Тетово, а беа присутни и учесници од сите седум општини на територија на новиот национален парк. Во иднина е планирано во континуитет да се организираат слични обуки и бројот на обучени лица да се зголемува, за рано дејствување при појава на шумски пожари.
Во недостиг од понови и сублимирани податоци за бројот на професионални пожарникари на нивото на државата, може да послужи информацијата од истражувањето на Центарот за граѓански комуникации, според кое во земјава недостигаат над 500 пожарникари ако се имаат предвид законски пропишаните норми, а состојбата со средствата и со опремата е уште позагрижувачка. Д.М.М.


Обука на волонтери за заштита на Шар Планина од пожари

Изминативе денови на Шар Планина се одржа обуката за справување со пожари на отворен простор за просторните сили на Шар Планина, во организација на јавната установа Национален парк (ЈУНП) Шар Планина, со поддршка на Дирекцијата за заштита и спасување и Противпожарната единица од Тетово. Со обуката беа опфатени повеќе од 30 волонтери од граѓанското здружение за унапредување мерки за заштита од пожари „Доброволно пожарникарство“ – Тетово, а присутни беа учесници од сите седум општини на територијата на новиот национален парк. Во иднина е планирано во континуитет да се организираат слични обуки и бројот на обучени лица да се зголемува, за рано дејствување при појава на шумски пожари.
Доброволците што учествуваа на обуката се запознаа со повеќе области од системот за заштита и спасување од пожари, како што се практична употреба на ПП-апаратите и хидрантската мрежа, прва медицинска помош, мерки за заштита и спасување, евакуација и згрижување на загрозеното население, лична и колективна заштитна опрема, тактика и техники на гаснење шумски пожари на отворен простор.