Првите луѓе на хрватската политичка сцена, претседателот Зоран Милановиќ и премиерот Андреј Пленковиќ, продолжуваат со продлабочување на меѓусебните конфронтации, по клучни прашања од внатрешната и меѓународната политика. Тоа сѐ повеќе ја прави фрагилна конзистентноста на хрватскиот врв при водењето на државните политики
Писмо од Сплит, слики од Хрватска
Продолжуваат тешките конфронтации, препирањата и кавгите на хрватската политичка сцена, а главни актери и натаму се претседателот Зоран Милановиќ и премиерот Андреј Пленковиќ. Повод за најновата рунда меѓусебни обвинувања и навреди беше одлуката на Европскиот совет да ѝ додели на Украина кандидатски статус за членство во ЕУ, без да го направи тоа и за Босна и Херцеговина. Ваквиот потег претседателот Милановиќ го нарече застрашувачки цинизам и хрватска политичка трагедија.
Ова е предавство. Ова е хрватска политичка трагедија. Сè уште не можеме да го ставиме ова во категоријата на велепредавство, но ова е предавство. Ладно, цинично и садистичко предавство, во кое на луѓето што страдаат цинично им се објаснува дека всушност им се помага – коментираше Милановиќ во петокот.
Но тој не застана тука, одлуката на Европскиот совет ја оквалификува како „толку груб цинизам со кој Пленковиќ уште се фали“.
Кога БиХ ќе добие кандидатски статус? Кога ќе исполни сè, а никогаш нема да го исполни бидејќи на некои во БиХ тоа едноставно не им одговара – остро коментираше хрватскиот претседател.
Тој немаше убави зборови ниту за министерот за надворешни работи Гордан Грлиќ Радман, за кого рече дека едноставно бил „аут“ кога рекол дека БиХ, како нефункционална држава, не може да биде кандидат за ЕУ, и тоа го нарече срам за Хрватска.
А што е со Украина? Дали Украина е функционална држава? Мило ми е што Украина доби кандидатски статус. Сепак, и пред руската инвазија на Украина, БиХ беше Швајцарија за Украина – додаде Милановиќ.
На одговорот од другата страна не требаше долго да се чека. Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ во петокот од Брисел ги повика најблиските соработници на претседателот на Републиката, Зоран Милановиќ, да се оградат од него и да се оградат од неговата „штетна политика“.
Овој пат ги повикувам луѓето што добро ги познавам, а кои се негови соработници, доста сериозни луѓе, Орсат Миљениќ (шеф на кабинет), Невен Пелицариќ (советник за надворешна политика), Драган Лозанчиќ (советник за национална безбедност) да се оддалечат од него – прозиваше Пленковиќ.
Тој ги предупреди на губење на кредибилитетот.
Ако останат со него, тогаш пораката што ја испраќаат е дека се согласуваат со него, по што нивниот кредибилитет е нула. Нека се оградат од него, нека се оддалечат од него и од неговите политики, кои се штетни за угледот на државата – рече Пленковиќ во Брисел, реагирајќи на изјавата на Милановиќ, во која тој го нарече предавник.
Премиерот и претседателот на Републиката со месеци се расправаат и се пресметуваат во јавноста за низа прашања, со остри зборови и обвинувања.
Мислам дека предавник е оној што отиде во кампањата на Жељко Комшиќ во Сараево и поттикнуваше некој за кого Хрватите не гласаа тогаш, а нема да гласаат ни сега, за да стане член на Претседателството. Тоа не бев јас, туку тој – изјави Пленковиќ.
Тој додаде дека Милановиќ поткопува сѐ што Владата прави добро, поставува клипови, на грд и вулгарен начин, и работи директно на штета на Хрватите во БиХ.
Фразите што тој се обидува да ги фрли во етерот имаат само една цел, а тоа е да им наштетат на интересите на Хрватска, на хрватскиот народ и, што е најважно, на интересите на Хрватите во БиХ – додаде тој.
Премиерот истакна дека Милановиќ уште еднаш го навредил високиот претставник во БиХ, Кристијан Шмит, кој би можел да помогне во изборниот закон, потоа ги навредил САД, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лејен, и Бошњаците, кои поради тоа би можеле да бидат помалку мотивирани за договор со Хрватите.
Тоа е толку штетна политика што ни треба огромна метла, ако не и багер, да го одземе, закопа и бетонира целото ѓубре што тој го фрла против Хрватска. Размерите на штетата се неверојатни – заклучи Пленковиќ.
Ангел Митревски, специјално за „Нова Македонија“ од Сплит, Хрватска