Поради субвенциите за рибарскиот сектор, на рибарите од богатите земји им се исплатува да ловат и на отворено море. Тоа е неповолно за рибарите од земјите на југот, кои не поседуваат големи бродови, а се принудени да ловат во крајбрежните води, каде што има помалку риба

Светската трговска организација се обидува да го ограничи државното субвенционирање на риболовот

Светската трговска организација (СТО) дваесетина години се обидува да пронајде формула за да ја прекине преголемата експлоатација на рибниот фонд во морињата и океаните. Според мислењата на експертите, најголем проблем се државните субвенции, кои се одобруваат од Кина, Европската Унија, САД, Јужна Кореја, Јапонија или други земји во светот, кои одобруваат високи буџетски средства како поддршка за своите рибари.
Во 1996 година е уловено најголемото количество риба, околу 130 милиони тони, и оттогаш има сѐ помалку риба на пазарот. Повеќето видови риба се пред исчезнување, а над една третина од рибниот фонд не може да се возобнови. Само во шест отсто од морските површини се лови помалку од тоа што го дозволува природата, покажуваат статистиките на Организација за храна на ОН (ФАО). Во Германија годишниот улов на морски плодови и риба се троши до март, а во преостанатите месеци потребите за морска храна се задоволуваат од увоз.

Поради субвенциите за рибарскиот сектор, на рибарите им се исплатува да ловат и во пооддалечените места на отворено море. Тоа е неповолно за рибарите од земјите на југот, кои не поседуваат големи бродови, а и немаат дополнителна државна помош за покривање на трошоците. Тие се принудени да ловат во крајбрежните води, каде што има помалку риба. Големите бродови пловат под знамињата на богатите земји.
Алета Мондре од Универзитетот во Кил, во изјава за „Дојче веле“ укажува на последиците од државното субвенционирање.
– Колку повеќе се лови на отворено море, толку помалку има риба во поплитките води. Во сиромашните земји за жителите од крајбрежјето рибите се и единствен извор на храна – вели Мондре.
Според податоците на хуманитарната организација „Светска помош за гладни“, во светот има околу 800 милиони луѓе што живеат од морето, а 90 отсто од нив се од земјите на сиромашниот југ. Светската трговска организација се обидува да го ограничи уловот на риба, но отпори се јавуваат и кај посиромашните земји, кои бараат да бидат исклучени од овој договор.
Една од најгласните земји е Индија, која предупреди дека договорот на СТО во каков било облик не смее да го ограничи правото на индиските рибари.

Подготвил: Митко Јовановски