Земјите-членки на БРИКС размислуваат за создавање меѓународна резервна валута, соопшти рускиот претседател Владимир Путин, во поздравното обраќање до учесниците на бизнис-форумот на економскиот сојуз БРИКС, кој го сочинуваат Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка.
– Се разгледува прашањето за создавање меѓународна резервна валута врз основа на кошницата на валути на нашите земји. Заедно со нашите партнери од БРИКС, работиме на сигурни алтернативни механизми за меѓународни плаќања. Рускиот систем за финансиски пораки е отворен за поврзување на банките од нашите пет земји – изјави шефот на Руската Федерација.
Путин изјави и дека рускиот систем за размена на финансиски пораки, како алтернатива на СВИФТ, е отворен за поврзување на банките од земјите-членки на БРИКС.
Путин додаде дека руските деловни кругови, во координација со деловните заедници од земјите на БРИКС, преземаат итни чекори за развој на транспортната инфраструктура, приспособување на логистичките маршрути и создавање нови производствени синџири.
– Би сакал да нагласам дека стратегијата на Русија не се менува – зајакнување на нашиот економски, технолошки и научен потенцијал, подготвени сме за отворена соработка со сите фер партнери, врз принципите на почитување на интересите на едни со други, безусловна надмоќ на меѓународното право и еднаквост на земјите и народите. Руската политика е ефикасна во средини каде што Западот ги занемарува основните принципи на пазарната економија и слободната трговија – рече рускиот претседател Владимир Путин за време на говорот пред учесниците на бизнис-форумот БРИКС, најавувајќи дека Русија ќе се фокусира на соработката со своите партнери од организацијата.