Литературни манифестации за деца
Повеќе од 200 литературни творби пристигнаа на литературните конкурси распишани во рамките на литературната манифестација „Средби под јаворите -Видое Подгорец“. Ученици од основните училишта твореа на две теми: „Што е росата“ и „И кога лажам, ја зборувам вистината“. Конкурсите се инспирирани од творештвото на роднокрајниот поет и еден од најплодните македонски автори за деца Видое Подгорец.
Хумористичните конкурси, пак, се во чест на авторот Киро Донев, најблискиот пријател и соработник на Подгорец и основач на манифестацијата.
Литературната манифестација за деца „Средби под јаворите – Видое Подгорец“ се одржа по 21. пат во Струмица и Колешино. Дводневните активности започнаа во Струмица, со стручно советување за библиотекарите, на тема „Библиотеките темел на писменоста“. По третпат се додели и признанието за најдобри библиотекари од училишните и јавните библиотеки „Павлина Цунева-Маказлиева“. Во категоријата училишни библиотеки, годинава е наградена Маргарита Филиповска, училишна библиотекарка во ООУ „Јан Амос Коменски“-Скопје. Во категоријата јавни библиотеки, наградата ја доби м-р Елмедина Абдулахи, виша библиотекарка, раководителка на библиотеката „Макс ван дер Штул“ ЈИЕУ во Тетово.
Завршниот дел од манифестацијата се одржа во училиштето „Видое Подгорец“ во Колешино. Покрај доделувањето на наградите на најуспешните творби, присуствуваа и околу 150 ученици од повеќе основни училишта од државата, кои со своите настапи им дадоа посебен печат на годинашните „Средби под јаворите“.