Четири кандидати за титулата, една желба

РАКОМЕТ – ЛШ, ФАЈНАЛФОР ВО КЕЛН

Од учесниците на завршниот турнир, само унгарски Веспрем не го освоил трофејот

Во германскиот град Келн викендов ќе биде познат новиот победник во Лигата на шампионите (ЛШ), во ракомет за мажи. На 13-то издание на завршниот фајналфор ќе играат Кил, Барселона, Киелце и Веспрем, клубови што досега имаат освоено 14 титули од вкупно 30 во најквалитетното европско натпреварување. Откако се игра фајналфорот, ниту еден клуб не успеал да го освои трофејот двапати по ред. Титулата ја брани шпанска Барселона, која во полуфиналето ќе се соочи со германски Кил, кој четири пати триумфирал во ЛШ, последен пат во 2020 година, кога во финалето во Келн ја победи Барселона со 33-28.

Кил заврши на второто место во својата група, а на фајналфорот се пласира откако во четврт-финалето француски Пари Сен Жермен го победи со вкупен резултат 63-62. Кил по шести пат ќе игра во Келн.

Полскиот претставник Киелце, по 2019 година, се враќа во Келн, откако во четврт-финалето го мина француски Монпелје, со вкупен резултат од 61-50. Киелце во полуфиналето ќе игра против унгарски Веспрем, единствената екипа што нема трофеј во ЛШ. Овие два ривала се сретнаа и во 2016 година, кога во финалето Киелце надомести негатива од девет гола и успеа да стигне до титулата по изведувањето пенали (39-38). Веспрем, пак, по шести пат игра во Келн, трипати беше финалист.


Познат годинашниот олстар-тим во ЛШ

Европската ракометна федерација (ЕХФ) го објави олстар-тимот на сезоната во Лигата на шампионите. Во него, двајца играчи третпат во низа се во олстар-тимот, голманот Никлас Ландин беше најдобар и во претходните две сезони, како и Алеиш Гомес, кој беше најдобро десно крило во 2020/2021, а најдобар млад ракометар во сезоната во 2019/2020.