Стадион „Ацтека“

ФУДБАЛ

На тоа СП, на кое првпат три земји ќе бидат домаќини на турнирот и првпат ќе има 48 селекции, натпреварите ќе се играат во 11 града во САД, во три во Мексико и во два во Канада

Легендарниот стадион „Ацтека“ во Мексико Сити и стадионот „СоФи“ на НФЛ-тимот Лос Анџелес Рамс, вреден повеќе милијарди долари, се меѓу 16-те на кои ќе се играат натпреварите на Светското првенство (СП) во 2026 година. На тоа СП, на кое првпат домаќини на турнирот ќе бидат три земји и првпат ќе има 48 селекции, мечевите ќе се играат во 11 града во САД, во три во Мексико и во два во Канада, пишува „Би-би-си“.
Стадионот „Ацтека“ ќе биде првиот на кој ќе се играат натпревари на три различни СП, во 1970, 1986 и 2026 г. Стадионот „Роузбол“ во Пасадена/Лос Анџелес, домаќинот на финалето на СП 1994 година, го нема на листата на домаќини. Друго забележително отсуство е и главниот град на САД, Вашингтон, кој беше еден од деветте града домаќини кога САД во 1994-та го организираа завршниот турнир. Заедничката понуда на Вашингтон и на Балтимор беше една од шесте што не беа избрани заедно со Синсинати, Денвер, Нешвил, Орландо и Едмонтон.

Сите градови беа неверојатни. Ова беше многу тежок избор. Тешко е да се замисли СП во САД, а главниот град да нема голема улога – изјави главниот директор за мечеви и настани на ФИФА, Колин Смит.

Сите 11 стадиони во САД се „домови“ на тимови од НФЛ, меѓу нив и стадионот „Метлајф“ на Њујорк џајантс и стадионот „СоФи“, кој чинеше пет милијарди долари, домаќинот на годинашниот супербоул-меч. Тие два стадиона се главни фаворити за домаќини на финалниот меч на СП 2026, но претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, рече дека дотогаш има уште време за донесување одлука.
– Некои дискусии ќе треба да продолжат, но сигурни сме дека ќе ги избереме најдобрите градови за отворањето и за финалето. Но секој натпревар на тоа СП ќе биде како финале – изјави тој за телевизијата „Фокс“.


Градови домаќини на СП 2026

САД: Атланта, Бостон, Далас, Хјустон, Канзас Сити, Лос Анџелес, Мајами, Њујорк/Њу Џерси, Филаделфија, Сан Франциско и Сиетл
МЕКСИКО: Мексико Сити, Гвадалахара и Монтереј
КАНАДА: Торонто и Ванкувер