Фото: Игор Бансколиев

Дали замрзнувањето на трговските маржи придонесе за спречување на дополнителниот пад на животниот стандард

Купувачите веќе го загубија чекорот со секојдневното поскапување и споредување на новите и старите цени на основните животни намирници, поради секојдневните нагорни корекции на цените во трговските ценовници. За оние граѓани со пониски домашни буџети останува опцијата „да се рекреираат“ од продавница до продавница и освен да добијат некоја заштеда во домашниот буџет, барајќи поевтин производ, тие гратис да добијат „во здраво тело, здрав дух“

По ограничувањето на трговските маржи, продолжува надмудрувањето меѓу Владата и трговците за (не)намалувањето на цените на основните производи во домашните трговски објекти. И додека од Министерството за економија изразуваат задоволство со воведувањето на новите мерки за ублажување на падот на животниот стандард, трговците вешто ги оправдуваат сѐ уште високите цени за своите производи.
Граѓаните, пак, „меѓу чеканот и наковалната“, сѐ уште не можат да се извлечат и спасат од ценовното цунами.

Игри со цените: Многу нагоре, а многу малку надолу

Купувачите веќе го загубија чекорот со секојдневното поскапување и споредување на новите и старите цени на основните животни намирници. Секојдневие се нагорните корекции на ценовниците. Така, според нашето истражување деновиве, некои од новите коригирани и пониски цени за маслото за јадење, лебот, млекото, јајцата и друго се незначителни во однос на претходните цени, кои важеа пред владината одлука за замрзнување на трговската маржа. Значи, за оние граѓани со потенки домашни буџети останува опцијата да одат од продавница до продавница и да бараат поевтин производ, за да заштедат некој денар повеќе.

Од Владата излегоа со став дека одлуката за замрзнување на маржата веднаш даде резултат. Според таа констатација, цените на основните производи се намалиле од 5 до 10 отсто. Најголемо намалување тие очекуваат кај маслото за јадење, и до 10 отсто, понатаму кај тестенините, како и кај сите други основни производи опфатени во владината одлука. Како што е познато, заклучно со 30 септември 2022 година, за леб, бел, сечен на парчиња или цел, шеќер и сончогледово масло за јадење, се утврдува трговска маржа во висина до 5 отсто во трговијата на големо и до 5 отсто во трговијата на мало. За брашно од пченица тип 400 и тип 500, макарони и шпагети од тврда пченица, македонски бел ориз, трајно кравјо млеко со масленост од 2,8, 3,2 и 3,5 проценти и јајца од кокошка за сите трговски друштва и трговци поединци што учествуваат во трговскиот синџир се утврдува трговска маржа во висина до 10 отсто во трговијата на големо и до 10 отсто во трговијата на мало.
Намалувањата се реални, но се занемарливи и минимални

Во изминатите денови реакциите на граѓаните и на медиумите беа дека има минимални намалувања на цените на споменатите производи. За споредба, белиот леб, кој се продаваше по цена од 40 и 42 денари, со намалувањето на маржата чини 38 и 40 денари. Сончогледовото масло за јадење, од 155 денари, поевтини на 148 денари. Кај пакувањата од шест јајца има корекција на цената од денар до два. Килограм брашно во малопродажба сега се продава за 58 денари, за два денара поевтино пред корекциите на цените. Шеќерот се продаваше по цена од 61 денар, со пониската маржа чини 58 денари, литар млеко од 69 денари се „намали“ на 65 денари, оризот поевтинил за три денари, а кај макароните има различни цени, во зависност од пакувањата и производителот, но поевтинувањето е околу пет денари.

Според Здружението за заштита на потрошувачи, во оваа игра со пресметките околу примената или непримената на пониските маржи за одредени производи најпогодени се граѓаните, кои не можат да следат дали се применува одлуката на Владата за ограничување на маржата.
– Граѓаните не можат да знаат дали некој трговец ја намалил маржата и за колку. Ограничувањата се однесуваат на трговската маржа, но колку ќе биде олеснувањето за граѓаните, ако знаеме дека трговците и производителите претходно драстично ги покачија цените. Потрошувачите се свесни дека малку можат да сторат за тоа дали за некој производ што има нула маржа, некој трговец наплатува високи маржи. Тоа е во надлежност на Државниот пазарен инспекторат – ни изјави Маријана Лончар, претседателка на Здружението на потрошувачи на Македонија.

По критиките од јавноста дека трговците не ја испочитувале владината одлука за ограничувањето на маржите и продолжиле да продаваат по повисоки цени, од Министерството за економија најавија засилени контроли против несовесните компании и продавачи.
– Побарав да се прават секојдневни контроли не само на заштитените производи туку и од другите производи. За мене е злоупотреба синџирите на маркети да имаат профити од триесет отсто. На седница на Владата следната недела ќе се усвои предлог-законот за заштита на потрошувачите, каде што казните ќе бидат многу високи, до пет илјади евра, за сите нечесни практики. Има компании што заработуваат и по 80 отсто на одредени производи и им се исплати да платат казна и да продолжат со работата. Со новото решение, овие компании ќе се соочат со друг тип казни. За нив ќе има затворање и ќе ги објавиме јавно нивните имиња, а ќе донесеме и одлука за забрана за вршење дејност – изјави вчера министерот за економија Крешник Бектеши.

Мерките на Владата не можат да дадат долгорочни ефекти, затоа што постои висок раст на цените на енергијата и другите суровини или во спротивно треба да се продаваат производите по цени што не ги покриваат производствените трошоци, велат од компаниите од мелничката индустрија. Како што изјавуваат од Агробизнис-комората од ССК, за намалување на цените за основните производи за граѓаните, потребно е да се интервенира преку стоковните резерви или со одобрување субвенции за покривање на трошоците за електрична енергија или гориво, кои се и главен фактор за формирање на цените на другите производи. М.Ј.