По вторпат годинава „Европското патувачко кино под отворено небо“ ќе претстави нови европски филмови на проекциите на отворено пред публиката низ земјава, овој пат патувајќи во Валандово, Кичево и во Штип.
„Европското патувачко кино под отворено небо“ е годишен приказ на нови европски филмови признаени од критиката и сакани од европската публика, кој секоја година патува во три различни градови низ земјата.
По проекциите во Валандово, патува до живописното Китино кале во Кичево, в сабота и недела, и завршува во Штип, на 24 и 24 јуни, на летната сцена на Младинскиот центар.
„Европското патувачко кино под отворено небо“ годинава ќе прикаже шест европски долгометражни филмови – многу од нив се наградувани филмови создадени во последните години, кои ги отсликуваат европската креативност и различност и нудат нешто за сечиј вкус, како и шест македонски кратки филмови, од кои некои исто така биле наградени на различни филмски фестивали и биле пофалени од љубителите на филмот.
– Проекциите ќе започнуваат во 20.30 часот, а потоа ќе следуваат разговори со познатите филмски критичари Влатко Галевски, Златко Ѓелески и Јована Ѓорѓиоска и нивните гости, познавачи на темите што се обработуваат во филмовите.
Годинашниот избор на играни филмови ги вклучува: „Лавкат“ (Австрија), „Смената“, (Италија, Белгија), „Маре“, (Швајцарија, Хрватска), „Надеж“ (Норвешка, Шведска, Данска), „Атлас, (Швајцарија, Белгија, Италија) и „Вселенското момче“, (Белгија).
Изборот на филмови ги отсликува современите теми, кои се однесуваат на сите нас, а особено на младите – од тинејџерските животи и врски под влијание на интернетот до насилниот екстремизам и тероризмот, и од учеството на жените во снимањето филмови до децата во науката итн.
Влезот на проекциите е бесплатен.