Сезоната на црешите е во полн ек! Оваа суперхрана содржи низа соединенија со позитивно дејство за нашето здравје. Освен што се богати со антиоксиданти, црешите содржат и значителни количества растителни влакна, витамини, минерали, имаат и мала калориска вредност.
Во црешите, покрај растителните влакна се содржат и солидни количества од витаминот Ц и минералите калиум, бакар и манган. Ова се нутриенти со особено корисно дејство на организмот. Дополнително, црешите содржат и помали количества витамини од Б-групата, магнезиум, витамин К итн.
Витаминот Ц е есенцијален за имунолошкиот систем и за здравјето на кожата, калиумот за регулација на крвниот притисок, нервната и мускулна функција, но и повеќе други важни процеси, манганот за хормонската регулација итн.
Сепак, главните корисни дејства на овие овошки се резултат на нивниот богат и уникатен антиоксидативен состав – полифенолни антиоксиданти, катехини, мелатонин, кверцетин, антоцијанини, но и витамин Ц.
Јадењето нутритивно густа храна, како црешите, е вкусен начин за заштитување на срцето. Ова својство, пред сѐ, се должи на нивниот богат антиоксидативен и минерален состав.
Поради своите антивоспалителни својства, црешите можат да го намалат интензитетот на симптомите на артритис, најмногу на гихт. Низа студии покажуваат дека црешите помагаат во спречување на оксидативниот стрес и намалување на воспалението преку супресирање на инфламаторните протеини, што води кон намалување на симптомите поврзани со артритис.
Истражувањата покажуваат дека антивоспалителните и антиоксидативни компоненти на црешите можат да придонесат за значително олеснување на болките, оштетувањата и воспалението во мускулите, предизвикани од некаква физичка активност.