По синоќешните телефонски разговори со бугарскиот претеседател Румен Радев и со македонскиот премиер Димитар Ковачевски,  францускиот претседател Емануел Макрон соопшти дека е подготвен да ги пречека во Париз „кога ќе дојде време“ властите на Бугарија и Македонија со цел да се склучи билатерален договор што ќе овозможи отворање на преговорите за пристапување на Македонија во ЕУ, јави дописникот на МИА.

Франција, која претседава со ЕУ до 1 јули, „веќе неколку недели ја поддржува потрагата по решение за спорот меѓу двете земји“, потсети Елисејската палата по разговорите со бугарскиот претседател Румен Радев и премиерот на Македонија Димитар Ковачевски.

За време на разговорите, Емануел Макрон ја изразил својата целосна поддршка за договор меѓу двете земји, кој ќе придонесе за добрососедски односи и ќе ја консолидира европската перспектива на Македонија. Макрон изразил целосна поддршка и за договор меѓу двете земји, како и почитување на основните права на граѓаните кои изјавуваат дека припаѓаат на други заедници или на малцинства, велат од Елисејската палата.

Софија го блокира пристапувањето на Македонија во Европската Унија од ноември 2020 година поради спорови поврзани со јазикот и историјата. Пред оваа бугарска блокада, Македонија со години се соочуваше со ветото на Грција која не и го прифаќаше името Македонија, кое исто така е име на нејзината северна провинција, гледајќи го како узурпација на нејзиното историско наследство. Атина го укина ветото во 2018 година кога на името на земјата беше додадена додавката „Северна“.

Пет земји во моментов се официјално кандидати за ЕУ, Македонија, Црна Гора, Србија, Албанија и Турција. Во 2019 година, Емануел Макрон стави вето, со уште две земји-членки, на отворањето на пристапните преговори со Македонија и Албанија, со барање да биде усвоена нова методологија за пристапување во ЕУ