Фото: МИА

Не треба да има загриженост дека постои некаков документ во којшто се прифатени барања само на една страна, истакна премиерот Ковачевски за емисијата „Само интервју“ на телевизија „Канал 5“, на прашањето колку сме блиску до изнаоѓање на заедничко прифатливо решение со Република Бугарија во контекст на заложбите на претседателот на Франција Емануел Макрон за време на француското претседавање да се направи исчекор во однос на проширувањето на ЕУ.

– Се спомнува и преговарачката рамка, но преговарачката рамка е мултилатерален документ којшто го одобруваат сите земји членки на ЕУ и кој што, на крај и ние треба да го одобриме. Тоа е документ во однос на кој најголемиот дел од европските држави не дозволуваат билатерализација на рамката со оглед на тоа што рамката претставува преговори со ЕУ и усогласување, односно пат на кој една држава се интегрира во ЕУ – истакна Ковачевски.

Што се однесува до изјавата на претседателот Макрон и претседателот на Европскиот совет Мишел, за создавање Европска политичка заедница во кој би влегле сите европски држави кои не се членки на ЕУ, премиерот Ковачевски оцени дека овој предлог повеќе би се однесувал на држави кои треба да ги исполнат критериумите во однос на отпочнување на процесот за интеграција во ЕУ како Украина, Молдавија, Грузија.

– Ние практично имаме процес кој е дефиниран токму на предлог на претседателот Макрон за пристапување кон ЕУ преку кластеризација на поглавјата. Само за илустрација, ние имаме веќе усогласено 45% од нашето законодавство со ЕУ. Доколку ја погледнете споредбата на нашата усогласеност и хармонизираност со европската легислатива визави држави од соседството кои преговараат и по 10 години, ние имаме поголема усогласеност со европската легислатива. Ги имаме исполнето сите услови во однос на отпочнување на преговорите, по прашање на усогласеноста и поставеноста на институциите, за позитивните извештаи. Од наша страна се имаме направено – оцени премиерот.

Тој подвлече дека позициите на Македонија се договорени во декларацијата што ја изгласа Собранието и која ја поддржаа сите политички партии и тоа се позициите до кои Владата се придржува во разговорите со Република Бугарија.

– Заедничките решенија, како што реков во неколку наврати, треба да бидат базирани на европски вредности, на задржување на достоинството на граѓаните на двете држави бидејќи само така ќе имаме основа за градење добри меѓусоседски односи и брзо интегрирање во ЕУ – истакна Ковачевски.


Неотворањето на преговорите нема да биде пораз за Македонија, туку за ЕУ

Претседателот на Владата Димитар Ковачевски смета дека неотворањето на преговорите со ЕУ нема да биде пораз за Македонија, туку пораз за ЕУ.

-Тоа е пораз за ЕУ. Сметам дека е така затоа што неотворањето на преговорите ќе значи намалување на релевантноста на ЕУ, ќе значи зголемување на евроскептицизмот, ќе значи намалување на посветеноста на самите граѓаните кон процесот. Да не заборавиме ние имаме направено голем број на жртви, голем број на тешки одлуки за да ја оствариме таа цел – потенцира Ковачевски во интервју за Канал 5.

Премиерот додаде дека нема отстапување од целта членство во ЕУ како стратешката определба, бидејќи тоа е определба и на доминантниот дел на населението во земјата, нагласи дека останува рационален оптимист и посветен таа цел да се оствари.

Дополни дека од аспект на геополитичкиот момент кој што се случува во Европа, особено со војната во Украина, проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан не е само политичко и економско, туку и безбедносно прашање особено заради фактот што од замрзнати конфликти и отворени прашања, секогаш интерес имаат трети страни коишто немаат интерес овој регион да биде интегриран во ЕУ.