Постојаното менување на цените на прехрамбените производи и на горивото во земјава, односно секоја несигурност во животот на еден психолошки профил на човекот го повредува неговиот интегритет на личноста
Ценовните шокови со кои се соочуваат граѓаните секојдневно им предизвикуваат нови стресови кои можат да имаат силно влијание врз здравствената состојба на луѓето. Соочени со новите предизвици тие се обидуваат психолошки да се изборат со реалноста, а тоа е состојба што може да предизвика сериозни здравствени проблеми.
Психолозите предупредуваат дека секоја несигурност во секојдневното живеење или во егзистенцијата на еден човек предизвикува нарушување во повеќе сегменти од неговата психолошка или физичка состојба. Постојаното менување на цените на прехрамбените производи, на енергенсите во земјава, или попрецизно зголемувањето на трошоците за живот и секоја несигурност на еден психолошки профил на човек го повредува неговиот интегритет на личноста.
Тоа носи анксиозност, депресија, несоница… Вака невропсихијатарот проф. д-р Методи Чепреганов ја опишува состојбата на тоа како економските турбуленции влијаат на психата кај граѓаните, кои често од паника и страв прават залихи од прехрамбени производи или, пак, по неколку часа чекаат пред бензиските пумпи за да наточат гориво.
– Сето тоа е нормална реакција на сите нормални луѓе кои немаат иднина. И оваа состојба не е типична само за Македонија, туку за целиот свет. Иднината е помрачена од големци кои го загрозија светот со сопствената суета и нает. Поради нивната малигна нарцисоидност страда народот во целиот свет. Затоа кога има повреда на интегритетот на една личност нормално е да има анксиозност, депресија и несоница – посочува професорот Чепреганов.
Ценовни шокови водат кон ценовна анксиозност
Психологот Мирјана Јовановска Стојановска вели дека ваквите нагли поскапувања или ценовни шокови доведуваат до чувство на несигурност и небезбедност кај граѓаните.
– Слободно можеме да кажеме дека ни се случува ценовна или општествена анксиозност. Една индивидуа не се чувствува заштитена, безбедна, не може да предвиди што ќе биде утре. Во ваква економска криза гледаме дека немаме контрола над сопствениот живот. Мојата можност да го контролирам животот и да одлучувам за себеси, ми се лизга од раце. Така настанува страв за себеси и за блиските – вели таа.
Според неа, токму чувството на немање економска безбедност и немање на кого да се потпреме создава дополнителни психолошки проблеми кај една личност.
– Личните нервози нема да ја сменат состојбата во која што живееме. Кога народот ќе почне сам да се чувствува виновен зашто поскапува сѐ, зашто не работат институциите, тогаш се појавува депресија, чувството на вина, која ја создаваме самите, зашто самите кон себеси ја вртиме агресијата. Да се казнам себеси за нешто за кое не сум виновен, а се чувствувам виновен. На тоа треба да се работи. И самите како индивидуи, но и со психолошка поддршка од стручни лица – заклучува Јовановска Стојановска.
Ќе ја платиме несигурната иднина
Секако дека сегашната економска ситуација има влијание врз т.н. психосоматски болести на организмот, заклучува Чепреганов.
– Несигурноста во иднина и во себеси ќе ја платиме со многу болести. Пак, ќе повторам не само ние, туку целот свет. Оваа агонија ќе продолжи и ќе се продлабочува, а вие како индивидиа не можете ништо да спречите. Во животот секогаш имало проблеми, но сега е дојдено времето да се стегнат забите за да се преживее – тврди професорот.
Сепак, Македонците треба да сфатат, порачува професорот, дека последните 30 години земјата е постојано во некои проблеми, дел кои сами ги правиме, а некогаш сме жртви на другите.
– Мајката природа има свои закони, а еден од нив е законот на посилниот. Македонија е мала земја, а интересите на големите сили секогаш ги плаќаат како жртва малите земји, најчесто ни должни, ни криви – смета д-р Чепреганов.