„Празна галерија „ е изложбата од прилепскиот уметник Методи Исков, што ќе биде отворена вечерва од 19 часот во Ликовната галерија од ЦК „Марко Цепенков“.

Изложбата е во три сегменти и ќе понуди скулптури и слики, а е поддржана од Министерството за култура. Во првиот сегмент уметникот говори за тоа дали ја препознаваме уметноста, во вториот која е цената на уметноста, а во третиот за тоа кога е уметничкото дело комплетно готово.

– Првиот дел е инсталација со репродукции на скулптурите кои се одбрани земајќи го во предвид периодот на создавање во време во кое уметноста можеби не се сметала за „комплицирана” и ги ги поставува прашањата: Дали фигуративноста е повеќе препознатлива за пошироката публика? Дали несообразното толкување на ликовните перцепции и интерпретации на уметничкото творештво го продлабочуваат нарушениот однос помеѓу поединецот/посетител и уметникот? Каков е односот помеѓу публиката и уметникот во современието и нејзиното разбирање на уметничките дела? Дали на уметноста гледаме како на мал отвор без притоа да стигнеме до нејзината суштина? Во вториот дел на изложбата се скулптури и слики поставени во однос на маркет производи (редимејд) кои взаемно се поврзани со лента на која е испишано “гратис”. Оваа инсталација од портрет на античка скулптура/слика и до нејзе поставено производ (редимејд). Прашањето кое си го поставувам себеси, но воедно и на публиката е дали се сведуваме на материјалноста така што културата и уметноста стануваат “ефтини”? Со овој дел сакам да го доловам концептот на тоа колку ја цениме и вреднуваме уметноста односно дали уметноста е толку евтина што може да ја купиме и во маркет, па и во некои случаеви да ја добиеме како гратис. Инсталацијата од портрет на античка скулптура и до нејзе поставеното сончогледово масло кое меѓусебно се поврзани со лента на која е испишано „гратис“ е композиција која сметам дека го доловува моментот на маркет, а со поставеноста во ликовна галерија концептот добива сериозна перспектива. И на крајот завршувам со сликите преку кои го поставувам прашањето – кога уметничкото дело е комплетно завршено? – вели уметникот Исков.

Методи Исков дипломира на ФЛУ во Скопје, отсек вајарство, во класата на проф. Станко Павлески. Покрај индивидуалните уметнички ангажмани, важен дел од неговото работно искуство е изработка на скулптури вклучени во урбанистички план на град Скопје, учевство при изработка на палета мозаици, од кои можат да се истакнат мозаиците во Црквата Св.”Констанин и Елена” – Скопје, мозаик поставен в базиликата на Св. “Благовештение” во Назарет – Израел со ликот на “Пресвета Богородица”, мозаиците на Црквата Св. “Петка” – Прилеп, итн. Повеќе мурали во градот од кои може да се истакне муралот во градската библиотека “Борка Талески”, уметничко уредување на Етно Крушево и многу други. Учевствувал на повеќе групни изложби во Македонија и реализирал една самостојна изложба во градот. Моментно е претседател на ДЛУП. Ка.М.