Отворена е изложбата „Пресоздавање“ од авторот Слободан Милошески, во уметничката галерија Безистен – Штип. Изложбата е составена од 14 скулпторски дела од галериски формат, создадени со примена на техниката на заварување метал.
– Во контекст на севкупната инфраструктура на креација на уметничкото дело, Слободан Милошески спроведува третман што резултира со преобликување на металот или со неповратно додавање, како што се лемењето или заварувањето, за да ги обезбеди и профилира скршените сегменти на скулптурата, кои, патем, ги третира со голема претпазливост и внимание. Во крајна инстанца, тоа значи одржување стабилност на скулптурата и доловување на саканите визуелни ефекти, кои, исто така, се важен сегмент во творештвото на авторот – вели историчарот на уметноста проф. д-р. Џемил Бектовиќ, во својата критика по повод оваа изложба.
Клучните елементи на уметничкото дело, просторот и волуменот, ја наоѓаат својата рамнотежа и динамика во постојаната игра на наизменични тенки, едноставни форми, лансирани во вселената со сета тежина на тешко моделираниот метал.
– Обликувањето на скулптурите претставени на оваа изложба се чини дека е направено на едноставен начин и со леснотија, додека, од друга страна, е видлив капацитетот на авторот да ги примени своите специфични вештини во создавањето хармонично комбинирани површини направени од метални елементи и конструкции. Тие во својата завршница продуцираат уметнички дела што ѝ даваат значење на идејата за пречекорување на границите на искуството, за когнитивното во полето на металната уметност, а на тој начин го отвораат и патот за самиот чин на автосознание – вели историчарот Бектовиќ.
Слободан Милошески е роден во Охрид во 1977 година. Тој дипломира на Факултетот за физичка култура во Скопје во 2001 година. Во 2009 година дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на вајарскиот оддел, а магистрира на истиот факултет во 2011 година. Во 2018 година докторира на Националната уметничка академија во Софија, Р Бугарија, на катедрата Скулптура. Досега има реализирано 27 самостојни изложби, а учествувал на повеќе од 80 групни изложби во земјава и во странство. Добитник е на 16 награди и признанија. Авторот Милошески е член на ДЛУМ од 2009 година, а во моментот работи како вонреден професор на Ликовната академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.
Штипската публика ќе може да ја посети изложбата до 31 мај.