Тигарот живее во пасиштата и шумите во Јужна Азија, Кина, Суматра и во Источна Русија. Најчесто има црвеникаво жолто-кафено пругесто крзно. Најстарите пронајдени остатоци од мачка што наликуваат на тигар се пронајдени на Јава и во Кина. Тие припаѓаат на Panthera palaeosinensis, кој живеел пред околу два милиони години, во почетокот на плеистоценот, а по својата големина бил помал од современиот тигар. Неговото име доаѓа од грчкиот збор тигрис, за кој се претпоставува дека потекнува од персиски збор што значи стрела, како опис на брзината на тигарот.
Тој лови ноќе, најчесто цицачи со средна големина, како што се елените. Мажјаците растат до височина од еден метар, достигнувајќи должина од околу два метра, а можат да тежат до 290 килограми. Тигрите живеат околу единаесет години.
Биле распространети во Азија, областите околу Касписко Море, Кавказот, Сибир и Индонезија. Во текот на 19 век, тигарот речиси целосно исчезнал во Западна Азија. Во текот на 20 век, изумрел на островите Бали и Јава, а единствен голем остров на кој живеат е Суматра. Тигарот во глобални рамки е заштитен и е вброен во сериозно загрозени видови. Во текот на 20 век, неговата популација се намалила за 90 отсто, а два подвида се сметаат за исчезнати.
Живеат во поднебје што се одликува со вегетација, вода и изобилство на плен. Во споредба со лавот, тигрите претпочитаат густа вегетација. Тигарот и јагуарот се единствените големи мачки што се одлични пливачи. Честопати се бањаат во езера, реки или бари. Во споредба со другите голем мачки што избегнуваат вода, тигрите секогаш одлучуваат да живеат во нејзина близина. Честопати можат да се забележат како го пренесуваат уловениот плен преку езера.
Постојат осум подвида, од кои два се изумрени. Преживеани видови се бенгалскиот тигар, познат и како кралски бегалски тигар, индокинескиот тигар, малајскиот тигар, суматранскиот тигар и сибирскиот тигар. Изумрени видови се балискиот и јаванскиот тигар. Балискиот тигар живеел исклучиво на островот Бали и бил еден од најмалите тигри. Исчезнал поради прекумерниот лов, а за последен пат бил забележан во 1937 година. Јаванскиот тигар живеел на островот Јава. Исчезнал во 80-тите години на 20 век, како резултат на ловењето и уништувањето на неговото природно живеалиште.
Во 19 век, зоолошките градини започнале со вкрстувањето на тигарот со други големи мачки. Зоолошките сакале со вкрстувањето да добијат чудни и несекојдневни животни што би ги привлекле посетителите. Тигрите, најчесто сибирскиот и бенгалскиот, биле парени со лавовите, а добиените хибриди се познати како тигони или лигери. Денес овие вкрстувања најчесто не се практикуваат за да се заштитат видовите и подвидовите.
Тигрите се територијални животни, а најчесто живеат сами. Во дивината се хранат со средни и големи животни. Во Индија омилен плен им се дивата свиња, водното бафало, гаурот и итн. Тигрите се предатори и опортунистички ловци. Доколку немаат избор, напаѓаат и помали животни, како што се мајмуните, зајаците, рибите или пауните.
Во почетокот на 20 век, во дивината живееле околу 200.000 тигри, но оваа бројка денес изнесува околу 2.000 единки. Меѓутоа опасноста од изумирање е намалена, бидејќи околу 20.000 тигри живеат во заробеништво.