Европските претставници во Брисел бараат начин како да направат енормно засилување на патниот и на железничкиот транспорт за ослободување на житата во Украина
Како да се транспортира житото од складиштата во Украина
Проблемот што досега само се навестуваше, деновиве почнува да ги добива првите облици на некакво решавање. Имено, поради руската воена операција во Украина, блокиран е пристапот до пристаништата на Црно Море, преку кои се реализира околу 90 отсто од извозот на храна. Проблемот е дотолку поголем, што Украина треба преку овие пристаништа да извезе милиони тони жито, за да заработи исклучително важни парични средства, но и да спречи криза со храна во области како Блискиот Исток и Африка.
Европа бара алтернативни патишта
Европската комисија веќе започна да ја реализира својата стратегија „солидарни патеки ЕУ – Украина“, која беше и официјално претставена во четвртокот. Бриселскиот портал „Политико“ ја анализираше стратегијата, повикувајќи се на документите добиени од релевантни извори пред нивното официјално промовирање. Стратегијата предвидува деблокирање на границите со Украина и зајакнување на капацитетот на патните и железничките маршрути за извоз на украинско жито, истовремено набавувајќи бродови и бесплатни складишта со поголем капацитет во земјите на ЕУ за складирање на вишокот производи.
– Украина моментално складира околу 40 милиони метрички тони жито, а половина од тоа мора да се извезе до крајот на јули. Проблемот што се обидуваме да го решиме во никој случај не е регионален или европски, туку глобален – рече комесарот за транспорт Адина Валеан, при претставувањето на планот.
Огромни количества жито во Украина се заглавени во силоси бидејќи пристапот до пристаништата како Одеса и Мариупол е затворен. Крајниот рок за извоз е во јули, затоа што житото е потребно за да се задоволи побарувачката, но и за да се ослободи капацитетот на силосите за следната жетва. Тоа е исто така голема работа за уништената економија на Украина, бидејќи околу три четвртини од производството на жито се испраќа во странство, што претставува околу една петтина од извозот на земјата.
„За да се апсорбира во најголема можна мера количеството стока што претходно минувала преку украинските поморски пристаништа, сите начини на транспорт треба да се мобилизираат до максимален капацитет“, се вели во стратегијата.
Расчистување на тесните грла
Но во новонастанатата ситуација, претходно искажаното е полесно да се каже отколку да се направи, се вели во анализата.
– Просечното време на чекање за возови со товарени вагони, кои чекаат да преминат во ЕУ, во моментов е 16 дена на граничните точки на Украина со Полска и со Романија, додека на некои места тоа трае до еден месец – рече Валеан.
Тоа е затоа што украинските железници користат поширок колосек од соседите во ЕУ, што значи дека или товарот треба повторно да се префрли во вагони што можат да се движат на потесен европски колосек или во спротивно вагоните треба да се натоварат на подвозје, кое ќе се движи слободно по секој европски колосек, но и тој процес одзема многу време, затоа што вклучува специјализирани машини.
Затоа, стратегијата на комисијата е насочена кон координирање масовен логистички притисок за ослободување од тие тесни грла.
Валеан вели дека бара од националните власти да му дадат приоритет на извозот на жито пред другиот сообраќај и ги повика земјите од ЕУ конечно да го одобрат нејзиното барање привремено да им се дозволи на повеќе украински и молдавски камионџии да влезат во земјите на ЕУ.
Комисијата, исто така, ќе биде посредник за да им помогне на компаниите да набават повеќе вагони, камиони, бродови и контејнери со цистерни, со тоа што ќе ги повика индустриските здруженија да се вклучат.
Не е јасно дали планот на ЕУ ќе помогне да се зауздат неизбежните скокови на цената на храната, бидејќи Валеан истакна дека комисијата само дејствувала за да го олесни она што првенствено беше „ситуација водена од пазарот“.
– Ние не се занимаваме со извоз на земјоделски производи. Она што се обидуваме да го направиме овде е да ја зголемиме понудата за транспорт и да ги споиме понудата и побарувачката – рече таа.
Предизвикот е огромен, како да се надмине?
Но и покрај сите напори и стратегии, во реалноста надлежните се соочуваат со огромен предизвик. Како пример, во анализата се посочува на случајот кога на почетокот на овој месец, брод со 70.000 метрички тони украинско жито го напушти пристаништето Констанца во Романија. За да се натовари тоа количество жито беа потребни 49 мали бротчиња-влекачи и возови што поминуваа преку границата со Украина. За да се добие реална слика на предизвикот што се исправи пред Брисел, треба да се каже дека комисијата има цел да премести речиси 300 пати повеќе товар за помалку од три месеци.
– Ако направите математика, ќе видите дека се потребни неверојатни 10.000 бродови-влекачи и речиси 300 големи бродови за да се пренесат 20 милиони метрички тони зрна – рече Валеан.
Но не е само достапноста на камиони и железнички вагони тоа што ќе ја отежне операцијата.
– Транзитот по реката Дунав во Романија е ограничен поради недостигот од квалификувани капетани на бродови. Покрај тоа, имаме и внатрешни тешкотии да го направиме протокот на стоки побрз и со помалку проблеми. Но наедно ова е убава можност за романската економија, а истовремено да ѝ се помогне на украинската економија – изјави романскиот министер за економија Флорин Спатару.
Во меѓувреме, Полска се фокусира на поврзување на украинскиот извоз со сопствените пристаништа, како Гдиња и Гдањск на Балтичко Море, соопшти нејзиниот вицепремиер Хенрик Ковалчик.
Гледајќи понатаму во иднината, комисијата размислува за проширување на своите стратегиски инфраструктурни коридори, наречени ТЕН-Т, во Украина. Таквата иницијатива нема да има моментално влијание, но ќе ги направи подобни за финансирање од ЕУ железниците во Украина и во Молдавија, со милијарди евра за нивно приспособување на европските стандарди.
Подготвил: Марјан Велевски