Се очекува бугарскиот премиер Кирил Петков и претседател Румен Радев за време на нивната претстојна средба со Емануел Макрон во Париз да го одобрат предлогот на францускиот претседател за укинување на ветото за пристапните преговори на Македонија со ЕУ, објавува „БГНЕС“.
– Не можам да потврдам поединечни покани. Темата е во рацете на дипломатите. Се работи многу на ниво на МНР за да се види кои се сите можности за напредок на темата РС Македонија. Но, не можам ништо да потврдам – изјави Петков пред новинарите во Брисел, по информацијата на „БГНЕС“, уверувајќи дека можниот договор и идните чекори ќе треба да поминат во бугарскиот парламент.
Бугарските медиуми пишуваат дека токму Франција ќе биде гаранцијата оти Македонија ќе ги исполни барањата за внесување на Бугарите во македонскиот Уставот и за справување со, како што посочуваат тие, говорот на омраза.
Макрон неодамна последователно разговараше телефонски со Радев, Петков и со македонскиот премиер Димитар Ковачевски, по што Елисејската палата објави дека целта на разговорите била поттикнување на дијалогот за спорот помеѓу Македонија и Бугарија.