Многу луѓе, дури и европски политичари, имаат наратив дека иницијативата „Отворен Балкан“ успеа да го подели регионот наместо да го обедини, но мислам дека тоа е затоа што некои вложија многу ресурси за таквиот наратив, изјави српската премиерка Ана Брнабиќ по учеството на конференција во Фиренца, јавува МИА.
По учеството на панелот „Криза и промени – европска перспектива на Западен Балкан“ во рамки на Конференцијата за состојбите во Унијата, организирана од Европскиот универзитетски институт, Брнабиќ за локалните медиуми изјави дека иницијативата „Отворен Балкан“ е отворена за сите, но никого нема да моли да и се придружи.
– Ние и нашите партнери во иницијативата, Северна Македонија и Албанија, постојано ги покануваме сите останати да се приклучат. Сигурна сум дека економијата и жителите на другите земји и територии, кога ќе ги видат придобивките од оваа иницијатива, ќе извршат притисок врз политичарите да ги отфрлат празните приказни и да се посветат на прагматични работи кои значат подобар квалитет на живот и поконкурентна економија во Западен Балкан-изјави Брнабиќ.