Фото: Игор Бансколиев

Во Скопје македонската репрезентација ќе игра со селекции со вкупно 23 медали од големите натпреварувања, Франција (двапати светски и по еднаш олимписки и европски шампион), Холандија и Романија (по еднаш светски прваци). Најдобрите три селекции од секоја од четирите групи на ЕП ќе се пласираат во втората групна фаза, во Скопје и во Љубљана

РАКОМЕТ – ЖДРЕПКА ЗА ЕП 2022

Олимпискиот првак и актуелен европски и светски вицешампион Франција, потоа светскиот првак од 2019 година Холандија и селекцијата на Романија (европска бронза во 2010 година, светска бронза во 2015 година…) се ривалите на Македонија во групата Ц, во Скопје, на Европското првенство (ЕП) за ракометарки што од 4 до 20 ноември годинава треба да се игра во Македонија, Црна Гора и во Словенија.
Франција, која 12-ти пат ќе игра на ЕП, на минатите три ЕП освои злато (2018 година), сребро (2020) и бронза (2016), на претходните три светски првенства (СП) беше прва (2017) и втора (2021), а на летните олимписки игри прва (2021) и втора (2016), вкупно од 2016 година до лани по три злата и сребра и една бронза, а вкупно уште една светска титула и три сребра од СП и две бронзи од ЕП. Холандија деветти пат ќе игра на ЕП, а од 2015 до 2019 година освои пет медали, и тоа едно злато (СП 2019) и по две сребра (СП 2015 и ЕП 2016) и бронзи (СП 2017 и ЕП 2018). Романија беше светски првак во 1962 година, на СП има и сребра од 1973 и 2005 година и бронза во 2015 година, како и трето место на ЕП 2010.
Во групата А (во Љубљана) е актуелниот европски првак и најтрофејна селекција со осум титули континентален шампион, Норвешка, потоа Хрватска, која беше трета на минатото ЕП, во 2020 година, Унгарија и дебитантот Швајцарија. Во групата Б (во Целје) се Данска (трета на СП 2021 и четврта на ЕП 2020), Шведска, Словенија и Србија. Во групата Д (во Подгорица) ќе настапат Полска, Црна Гора, Германија и Шпанија (четврта на СП 2021).
Најдобрите три селекции од секоја од четирите групи ќе се пласираат во втората групна фаза, која треба да се игра во Скопје и во Љубљана. Трите селекции од групата во која е Македонија ќе играат со три репрезентации од групата Д. Од новите групи, по две најдобри селекции ќе се пласираат во полуфиналето, во Љубљана, каде што треба да се игра и мечот за европската титула. Од вчера почна онлајн продажбата на билети за ЕП 2022.
За Македонија, која беше домаќин на ЕП 2008, ова ќе биде шести настап на ЕП (претходно во 1998, 2000, 2006, 2008 и во 2012 година).


СОСТАВ НА ГРУПИТЕ ЗА ЕП 2022

Група А (во Љубљана): Норвешка, Унгарија, Хрватска, Швајцарија
Група Б (во Целје): Данска, Шведска, Словенија, Србија
Група Ц (во Скопје): Македонија, Франција, Холандија, Романија
Група Д (во Подгорица): Полска, Црна Гора, Германија, Шпанија