Во април, ограничувањето на цената на енергијата беше зголемено за 54 отсто и на околу 22 милиони луѓе сметките ќе им се зголемат за околу 700 до 2.000 фунти годишно, пишува Кетрин Латам за „Би-би-си“

Енергетската криза ги промени навиките на жителите на Велика Британија

Кога Емили Хјуз се пресели во нејзината нова куќа во Питерборо, една од првите работи што требаше да се решат беше системот за греење. За да биде „ултраефикасна“, таа одлучи да спроведе сосема нов систем за греење. Во куќата беа поставени соларни панели, заедно со топлинска пумпа со извор на воздух. Топлинската пумпа и панелите работат заедно со пасивен систем за греење што претставува забетонирана мрежа од цевки која ја складира топлината во лето и полека ја ослободува во текот на зимата. Хјуз вели дека нејзината топлинска пумпа и соларни панели помалку ја изложуваат на ценовни шокови од сметките за енергија, но има и други решенија.
Според владините податоци, 85 отсто од домовите во Велика Британија користат мрежен гас за топлина, оставајќи ги на милост и немилост на нестабилните меѓународни пазари на гас кои ги диктираат цените. Во април, ограничувањето на цената на енергијата беше зголемено за 54 отсто и на околу 22 милиони луѓе сметките ќе им се зголемат за околу 700 до 2.000 фунти годишно. Канцеларијата за буџетска одговорност вели дека оваа година ќе има најголем пад на животниот стандард откако Канцеларијата за национална статистика почна да води евиденција во 1956 година.

Колку се исплатливи топлинските пумпи?

Но, не се променливи само цените на гасот. Алисон Редихау, која живее во руралните средини на Сасекс и до пред пет години се потпираше на нафта за своето греење, сега вели дека цените на нафтата многу често варираат, па затоа купувањето во погрешно време може да биде скапо. Редихау е среќна што има доволно голема градина за да постави подземна топлинска пумпа. Таа проценува дека тоа ги преполовило трошоците за греење на нејзиниот дом. Топлинските пумпи користат технологија слична на фрижидерот, за да ја земат топлината од воздухот надвор или од земјата и да ја пренесат во домот. Според консултантската куќа ПВЦ, во споредба со 2020 година, продажбата на топлински пумпи годинава тројно ќе се зголеми.
Сепак, тие не се одговор на сечиј буџетски проблем, бидејќи сè уште се многу скапи за спроведување, што ќе го надмине буџетот на многу купувачи. Топлинската пумпа со извор на воздух може да чини меѓу 8.000 и 18.000 фунти, а подземната топлинска пумпа меѓу 20.000 и 35.000 фунти. За споредба, инсталацијата на типичен гасен котел чини само 1.000 до 3.000 фунти. Ова значи дека иако топлинската пумпа со извор на воздух може да ја намали сметката за енергија за 375 фунти годишно, теоретски би биле потребни и до 48 години додека нејзината инвестиција да биде исплатена. Меѓутоа, со ценовниот раст во сметките за струја, трошоците за инсталација ќе се враќаат побрзо, што дава поттик промената сепак да се направи. Дополнително, преку проектот за надградба на котли, британската влада нуди грантови во висина од 5.000 фунти за 90.000 домаќинства, со цел да помогне околу трошоците за топлинска пумпа со извор на воздух.

Пад на стандардот поради цената на горивата?

Цената на струјата и на гасот е во пораст поради фактот што околу 51 отсто од електричната енергија во Велика Британија доаѓа од гасни централи. Според Фондот за заштеда на енергија, инсталацијата на просечен домашен соларен фотоволтаичен систем чини околу 6.500 фунти и може најмногу да им заштеди на луѓето кои работат од дома до 400 фунти годишно. Но, за многумина таквите системи се далеку над нивните можности.
Растот на цената на горивата најмногу ќе ги погоди оние со најнизок стандард. Годинава се очекува драстично да се зголеми „сиромаштијата заради гориво“ – кога едно домаќинство ќе падне под официјалната граница на сиромаштија заради трошење на најголемиот дел од приходите за греење на домот. Се очекува бројот на домаќинства кои ќе се најдат во оваа категорија веќе да надмине шест милиони и би можел да достигне 8,5 милиони до крајот на 2022 година, кога ценовната граница повторно ќе се подигне и сметките би можеле да достигнат над 3.500 фунти.