ФУДБАЛ – ШПАНИЈА
Барселона во сезоната 2023/2024 ќе игра дома на Олимпискиот стадион

Поради реновирање на стадионот „Камп ноу“, Барселона домашните фудбалски натпревари во текот на сезоната 2023/2024 ќе ги игра на Олимпискиот стадион, пред да се врати на својот стадион во сезоната 2024/2025, кога капацитетот привремено ќе биде намален „за приближно 50 проценти“, соопшти клубот.
Работите на реновирањето на стадионот и на околината ќе почнат во јуни и ќе траат четири години. Капацитетот на стадионот ќе биде зголемен од 99.000 на 105.000 места, а иновациите вклучуваат инсталирање подвижен покрив покриен со соларни панели, како и неколку комерцијални објекти, вклучувајќи хотел, лизгалиште и канцеларии.
Претседателот на Барселона, Жоан Лапорта, рече дека одложувањето на уривањето на третото ниво на стадионот ќе му овозможи на „Камп ноу“ следната сезона да функционира „практично со полн капацитет“.
Олимпискиот стадион, кој е со капацитет од 60.713 места, претходно беше „дом“ на градскиот ривал Еспањол.


ФУДБАЛ – ЛИГА ЕВРОПА, ПОЛУФИНАЛЕ
Германските тимови во мала предност

Двата германските тима Лајпциг и Ајнтрахт забележаа победи над Ренџерс дома (1-0), односно над Вест хем на гости (2-1), на првите полуфинални натпревари во фудбалската Лига Европа (ЛЕ) и се поблиску до големото финале на 18 мај во Севилја. Лајпциг, кој загуби само два од 11-те натпревари во нокаут-фазата во ЛЕ (шест победи и две ремија), ѝ стави крај на серијата од три нерешени меча дома во европските натпреварувања. Ренџерс, пак, продолжи со лошите резултати на гости сезонава, во која на деветте натпревари забележа една победи, три ремија и пет пораза. Ајнтрахт е на добар пат да му се реваншира на Вест хем за елиминацијата во полуфиналето на некогашниот Куп на победниците на куповите (КПК) во 1976 година, забележувајќи вредна победа во Лондон. За германскиот тим тоа беше седма победа на претходните 19 натпревари во нокаут-фазата во ЛЕ, плус девет ремија и три пораза.

ЛИГА ЕВРОПА, ПОЛУФИНАЛЕ
Лајпциг – Ренџерс 1-0
Вест хем – Ајнтрахт 1-2
реваншите се на 5 мај

ЛИГА НА КОНФЕРЕНЦИИ, ПОЛУФИНАЛЕ
Лестер – Рома 1-1
Феенорд – Марсеј 3-2
реваншите се на 5 мај


КОЊИЧКИ СПОРТОВИ
Денеска „Априлски коњички турнир“ и прво првенствено коло

„Априлскиот коњички турнир“ и првото коло од отвореното лига-првенство на Македонија, со кои се отвора натпреварувачката сезона за 2022 година, се предвидени за денеска, со почеток во 11 часот. Натпреварите се според план-календарот на Федерацијата за коњички спорт на Македонија, а натпреварите на коњичкиот клуб Анималс од Скопје ќе се одржат на теренот на клубот во населбата Дрма, Идризово. На програмата се три натпревари во прескокнување пречки со височина од 90 до 120 см.


РАКОМЕТ – ЕХФ
Правилото за голови на гости нема да важи од следната сезона

По иницијатива и соодветно барање од Комисијата за натпревари, Извршниот одбор на Европската ракометна федерација (ЕХФ) го потврди укинувањето на правилото за предност на тимот со повеќе голови на гости при вкупен нерешен резултат во еден двомеч, пишува ЕХФ на својата интернет-страница.
Правилото се укинува во сите клупски и репрезентативни натпреварувања на Европската ракометна федерација од сезоната 2022/2023. Така, во случај гол-разликата да биде изедначена по два натпревара од нокаут-фазата, победникот ќе се решава со изведување пенали.