Приходи од продажби
Според единечниот биланс на успех, во периодот јануари – март 2022 година продажбите достигнуваат 2.696.313.187 денари, што е за 12 отсто повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Вкупните консолидирани продажби, пак, достигнуваат 3.623.625.996 денари, што е за 11 отсто повеќе во споредба со истиот период од минатата година.
Продажби според региони
Консолидираните продажби остварени на домашниот пазар се зголемени за 9 отсто, а вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за 12 отсто. Од вкупните консолидирани продажби, 33 отсто се остварени на домашниот пазар, додека, пак, 67 отсто се остварени на странските пазари. Гледано според региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 34 отсто, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 23 отсто, во Русија и во другите земји од ЗНД се остварени 9 отсто, а на другите пазари е остварен 1 отсто од вкупните консолидирани продажби.
Најголем пораст кај извозните пазари бележат продажбите остварени во Германија (раст од 146 отсто), Полска (раст од 114 отсто), Романија (раст од 102 отсто), Бугарија (раст од 69 отсто), САД (раст од 51 отсто), Албанија (раст од 24 отсто), Црна Гора (раст од 15 отсто), Косово (раст од 11 отсто), БиХ (раст од 8 отсто), Србија (раст од 7 отсто) итн.
Продажби според групи производи
Гледано според групите производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација, и тоа 89 отсто. Од нив поголем удел имаат антибиотиците, со удел од 24 отсто, препаратите ОТЦ со 20 отсто, кардиолошките препарати со 15 отсто, невролошките препарати заземаат 12 отсто од вкупните консолидирани продажби итн. Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 11 отсто во вкупните консолидирани продажби, поточно хемијата учествува со 3 отсто, козметиката со 6 отсто, а билкарството учествува со 2 отсто.
Инвестиции
Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари – март 2022 година изнесуваат 218.577.091 денар, што е за 22 отсто повеќе во споредба со истиот период во 2021 година.
Резултати од работењето
Единечната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА), која изнесува 534.547.162 денара, бележи зголемување од околу 4 отсто, додека, пак, единечната нето-добивка изнесува 298.147.012 денара и е зголемена за 5 отсто.
Консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА) достигна 637.917.566 денари и бележи раст од 5 отсто, додека, пак, консолидираната нето-добивка во износ од 361.453.045 денари е зголемена за 4 отсто.
При извршувањето на оперативните активности, „Алкалоид“ ангажира над 1.000 домашни доставувачи.
Вработени
Во периодот јануари – март 2022 година, во „Алкалоид“ АД Скопје се реализирани 99 нови вработувања во Р С Македонија. Со одлука на Управниот одбор на „Алкалоид“, во март 2022 година е одобрен и исплатен регрес за користење годишен одмор за вработените во компанијата во висина од нето-износ од 30.000 денари. Групацијата има 2.619 вработени, од кои 2.015 се во базата во Скопје, а 604 се вработени во подружниците во странство.
Податоци за акциите
Акциите на „Алкалоид“ АД Скопје котираат на официјалниот пазар на Македонска берза за хартии од вредност од 2002 година и важат за едни од најтргуваните и најликвидните акции на берзата. Цената на акцијата во периодот јануари – март 2022 година се движеше од 16.385,00 денари до 19.400,00 денари, или просечно 18.257,95 денари за една акција, што претставува раст од 31,2 отсто во споредба со просечната цена во истиот период од 2021 година. На 31.3.2022 година акциите беа во сопственост на 5.179 акционери, физички и правни лица, a пазарната капитализација на компанијата изнесуваше 25,7 милијарди денари.
Бизнис-план за 2022 година
Бизнис-планот за 2022 година, донесен со одлука на Управниот одбор, на седницата одржана на 29.12.2021 година, предвидува инвестирање на околу 14 отсто од консолидираните приходи од продажбите во материјални и во нематеријални средства, раст од 8 отсто на консолидираните продажби во однос на 2021 година, како и раст од 7 отсто на консолидираниот профит пред оданочување во однос на 2021 година.
Бизнис-планот за 2022 година е базиран на очекувањата, проекциите и на можностите на тековните и на новите пазари и производи, достапни за компанијата во моментот на подготвување на планот. Околностите и настаните во 2022 година, а со тоа и остварените резултати, може да варираат во однос на прикажаните во бизнис-планот.
Очекувања за претстојниот период
Во изминатиот период друштвото се соочи со голем број интерни и екстерни предизвици и новонастанати ризици, генерирани од пандемијата на ковид-19. Презедовме голем број мерки во досегашниот период, за неутрализирање на сите негативни ефекти, без притоа да се загрозат здравјето на вработените и успешното работење на друштвото.
Во согласност со очекувањата, уште во текот на минатата година здравствената криза се претвори и во економска, а со тоа се појавија и нови предизвици во работењето. Она што како тренд започна во 2021 година, а ќе доминира и во 2022 година, е забележителниот раст на цените на голем дел од влезните суровини и материјали, енергентите, како и порастот на цените на транспортот на глобално ниво, а особено и значителните пролонгирања на роковите за испорака. Сето ова веќе започна да влијае и на стапката на инфлацијата, што веројатно како тренд ќе биде уште понагласено во периодот што следува. Земајќи го предвид конфликтот помеѓу Русија и Украина, започнувајќи од 24 февруари 2022 година, „Алкалоид“ презема неопходни мерки за заштита на инвеститорите, купувачите и вработените, обезбедувајќи им сигурни услови.
Како најголем предизвик и прв приоритет за периодот што доаѓа, и понатаму останува грижата за здравјето на вработените, како и одржувањето на тековната ликвидност и на финансиската стабилност и остварувањето на планските цели.