Бројот на случаи на сипаници во светот е во голем пораст, се наведува во извештајот на Светската здравствена организација (СЗО) објавен во Женева.
Според извештајот, бројот на пријавени случаи на морбили во првите два месеца од 2022 година е за 79 отсто поголем отколку во истиот период минатата година.
Причината за порастот е што премалку деца се вакцинираат, делумно затоа што кампањите за вакцинација беа прекинати за време на пандемијата на ковид-19, а делумно затоа што земјите беа принудени да пренаменат пари за други проблеми, соопшти СЗО.
Конфликтите и војните во Украина, Етиопија, Сомалија и Авганистан принудија милиони луѓе да ги напуштат своите домови. На децата им е оневозможено да се вакцинираат и често се принудени да живеат во пренатрупани сместувања. Појавата на големи епидемии на оваа крајно заразна болест претставува опасност, особено по укинувањето на мерките за социјално дистанцирање воведени поради пандемијата.
Малите сипаници се пренесуваат со капки при зборување, кивање или кашлање. Инфекцијата започнува со симптоми слични на грип, проследено со осип на кожата и може да доведе до пневмонија, воспаление на средното уво или дури и воспаление на мозокот.
Во јануари и февруари 2022 година биле пријавени 17.338 случаи на мали сипаници. Помеѓу април 2021 година и април 2022 година, регистрирани се вкупно 21 голема епидемија на сипаници, повеќето од нив во Африка и источниот Медитеран, се наведува во извештајот.