Спортски вести

ФУДБАЛ – ЛИГА ЕВРОПА

По 46 години, ново европско полуфинале Вест хем – Ајнтрахт

Во Лига Европа (ЛЕ) вечерва на програмата се првите полуфинални натпревари, во кои два фудбалски тима од Германија, Лајпциг и Ајнтрахт, ќе играат против два од Островот, англискиот Вест хем и шкотскиот Глазгов ренџерс. Двата меча се од 21 часот.
Во претходните 10 изданија на Лига Европа, трофејот го освојуваа клубови од Англија (двапати Челси и еднаш Манчестер јунајтед) и од Шпанија (Севилја четири пати, Атлетико двапати и Вилјареал еднаш).
Лајпциг, кој е во серија од 13 меча без пораз во сите конкуренции, и Ренџерс ќе го играат првиот меѓусебен натпревар. Вест хем и Ајнтрахт, пак, по 46-годишна пауза, повторно играат меѓу себе во едно европско полуфинале. Во 1976 година, во тогашниот Куп на победниците на куповите (КПК) поуспешен беше Вест хем (вкупен резултат 4-3), кој потоа во финалето загуби од Андерлехт. Во минатото коло Вест хем беше поуспешен од Лион, а Ајнтрахт, победникот во ова натпреварување во 1980 година, во четврт-финалето ја елиминира Барселона. Л.Д.


ФУДБАЛ

Најава за укинување правило во Англија од 1985 година

На фудбалските гледачи во Англија наскоро би можело да им биде дозволено да пијат алкохол на трибините за време на натпреварите, првпат по речиси 40 години, пишува весникот „Телеграф“. Британската влада најави дека ќе ја преиспита забраната и оти ќе ги разгледа продажбата и консумирањето алкохол пред натпреварите во околината на стадионите, што не е дозволено во првите пет англиски лиги од 1985 година. Противниците на забраната тврдат дека тоа повеќе не е неопходно, оти го дискриминира фудбалот наспроти другите спортови и може да биде контрапродуктивно. Владата признава дека фудбалот се „модернизирал“ од 1980-тите и дека „културата се променила“. Но има укажувања дека се забележува пораст на инцидентите поврзани со фудбалот и улогата на алкохолот во насилството што го наруши и финалето на Европското првенство минатото лето на стадионот „Вембли“. Независниот преглед на тие настани покажал дека консумирањето алкохол било битен фактор за насилството. Л.Д.


ФУДБАЛ

По три години, Баерн на нова летна турнеја во САД

Германскиот фудбалски првак Баерн најави летна турнеја во САД, што ќе биде прва посета на Баерн на САД од 2019 година, објави германската Бундес-лига на својата интернет-страница.
Тимот на тренерот Јулијан Нагелсман ќе биде преку Атлантикот од 18 до 24 јули, на петтата турнеја на тимот во САД, по посетите во 2014, 2016, 2018 и во 2019 година.
Баерн закажаа пријателски натпревар со членот на МЛС-лигата ДЦ Јунајтед на 20 јули, а вториот натпревар против уште непотврден противник допрва треба да биде објавен. На претходното патување на Баерн во САД во 2019 година, 10-дневната турнеја ги опфати Лос Анџелес, Хјустон и Канзас, тимот забележа победи над Реал Мадрид и над Милан, а загуби од Арсенал, пишува на сајтот на Бундес-лигата.