Првично шест спринт-трки беа планирани за годинава, откако беа возени три такви трки лани, но тоа не се оствари поради несогласување на тимовите за финансиската компензација, а сега планот е запрен од ФИА. Нема конечен договор ниту за новите регулативи за моторите што треба да се воведат во 2026 година

ФОРМУЛА 1

Планот за удвојување на бројот на спринт-трките во Формула 1 (Ф1) од три на шест за следната сезона е запрен од Светската автомобилска асоцијација (ФИА), иако претходно тимовите едногласно го поддржале тој предлог, пишува „Би-би-си“.
Ф1 сакаше да го зголеми бројот на спринт-настаните, бидејќи верува дека преместувањето на квалификациите за петок и кратката трка во сабота за стартните места за главната трка ги зголемило приходите и интересирањето. Првично шест спринт-трки беа планирани за годинава, откако беа возени три такви трки лани (вкупно три ќе има и годинава), но тоа не се оствари поради несогласување на тимовите за финансиската компензација.
ФИА во соопштението вели дека „го проценува влијанието на предлогот врз нејзините операции и врз персоналот покрај патеката“. ФИА добива околу 40 милиони долари годишно од Ф1, како и дополнителен еден милион долари за секоја трка над 20-те, покрај приходите од промоторите, пишува „Би-би-си“.
Нема конечен договор ниту за новите регулативи за моторите што треба да се воведат во 2026 година. Општата рамка веќе е договорена, моторите ќе останат 1,6-литарски, со В6 турбохибриди. Но сложениот дел МГУ-Х од системот за враќање на енергијата ќе биде отстранет, процентот на моќност создаден од хибридниот систем ќе се зголеми на 50 отсто, а ќе се користи 100 отсто одржливо гориво. Се очекува дека преработените прописи ќе привлечат нови производители во спортот, пишува „Би-би-си“.