Клучен прв приоритет, е справување со енергетската криза, што е пред се европска енергетска криза, а се чувствува и кај нас, а доби дополнително загрижувачки димензии со војната во Украина, потенцира премиерот Димитар Ковачевски на денешната тематска владина седница на која единствена точка е одбележување на постигнувањата на Владата и на министерствата во првите 100 дена од работењето.
Ковачевски потенцираше дека воената агресија во Украина не исправи пред историски предизвик како членка на НАТО, како што рече, заедно со нашите сојузници да одговориме на овој антицивилизациски чин, како што е брутално кршење на меѓународното право и сите конвенции за мир и безбедност.
Премиерот Ковачевски посочи дека следен приоритет е заштита на животниот стандард на граѓаните и поддршка на компаниите во насока на економската криза, која произлегува од енергетската и воената криза.
Исполнувањето на целите во однос на големите инфраструктурни проекти, истакна Ковачевски, е исто така приоритет, а подеднаква важност имаат и евроинтеграциите како наша стратешка цел.