Фото: Игор Бансколиев

Светската банка предупредува

Сериозни предупредувања доаѓаат од страна на врвни светски експерти, врз основа на пресметките и анализите што ги подготвила Светската банка во изминатиов период. Според тие пресметки, светот се соочува со „човечка катастрофа“ од кризата со храна што произлезе од руската инвазија на Украина, изјави претседателот на Светската банка, Дејвид Малпас. Во интервју за Би-би-си тој изјави дека рекордните поскапувања на храната ќе турнат стотици милиони луѓе во сиромаштија и пониска исхрана доколку продолжи кризата

Огромен скок на цените на храната

Своите зборови тој ги поткрепува со последната анализа на Светската банка, која пресметала дека може да дојде до „огромен“ скок од 37 отсто на цените на храната. Ова најмногу би ги погодило сиромашните, кои „ќе јадат помалку и ќе имаат помалку пари за сѐ друго, како што е школувањето“.
Малпас, кој ја води институцијата задолжена за глобално ублажување на сиромаштијата, даде интервју за економскиот уредник на Би-би-си, Фајсал Ислам.
– Ова што се случува е човечка катастрофа, што значи дека исхраната опаѓа. Но станува и политички предизвик за владите, кои не можат да направат ништо околу тоа, бидејќи тие не ја предизвикаа, а гледаат дека цените растат – рече тој на маргините на состаноците меѓу ММФ и Светската банка во Вашингтон.
Според него, имаше доволно храна во светот за да се нахранат сите, а глобалните резерви се големи според историските стандарди, но ќе мора да постои процес на споделување или продажба за да стигне храната до местото каде што е потребна.
Малпас, исто така, ги обесхрабри земјите од субвенционирање на производството или ограничување на цените. Наместо тоа, како што рече тој, фокусот треба да биде ставен на зголемување на резервите на ѓубрива и храна во светот, заедно со насочената помош за најсиромашните луѓе.
Шефот на Светската банка, исто така, предупреди на удар на „кризата во криза“, што произлегува од неможноста на земјите во развој да ги сервисираат своите големи долгови за пандемијата, во услови на зголемени цени на храната и енергијата.
– Ова е многу реална перспектива. Тоа се случува со некои земји, не знаеме до каде ќе стигне. Дури 60 отсто од најсиромашните земји во моментов се во неволја со долгови или се изложени на висок ризик да бидат задолжени. Мора да бидеме загрижени за должничката криза. Најдоброто нешто што треба да се направи е да почнеме рано да дејствуваме за наоѓање начини за намалување на должничкиот товар за земјите што имаат неодржлив долг. Колку подолго го одложувате, толку е полошо – додаде тој.

Уште „незалечени“ пандемиските долгови, стигна нов удар по буџетот

Признанието на претседателот на Светската банка дека мора да бидеме загрижени за должничката криза во земјите во развој е многу значајно, се вели во коментарот на Би-би-си. Комбинацијата на огромните пандемични долгови со зголемените каматни стапки и зголемувањето на цените е навистина токсична.
Разговорите водени на маргините на состаноците на ММФ и Светската банка се однесуваа на тоа дека богатите земји им порачаа на економиите во развој да не се грижат за задолжувањето поради трошоците за да помогнат во сузбивањето на пандемијата. Сега тие земји се прашуваат дали овие рекордни долгови ќе им бидат отпишани. Но засега има само молк од богатите земји заемодавци.
Претходно овој месец, Обединетите нации соопштија дека војната во Украина доведе до „џиновски скок“ во цените на храната, бидејќи тие достигнаа ново рекордно ниво во март. Тоа се случи откако војната ги прекина испораките од најголемиот светски извозник на сончогледово масло и се зголемија трошоците за алтернативи.
Украина е исто така главен производител на житарки, како што се пченката и пченицата, кои исто така драстично поскапеа. ОН соопштија дека „војната во регионот на Црно Море предизвика шок на пазарите за основни житарки и растителни масла“.
Индексот на цените на храната на ОН ги следи најтргуваните прехранбени производи во светот – мерејќи ги просечните цени на житарките, растителните масла, млечните производи, месото и шеќерот. Цените на храната се на највисоко ниво од почетокот на нивното бележење пред 60 години, според индексот, откако тие скокнаа за речиси 13 отсто во март, по рекордното високо ниво во февруари. Цените на прехранбените артикли и онака веќе беа на највисоко ниво во последните десет години пред војната во Украина, според индексот, поради проблемите со глобалната жетва.

Подготвил: Марјан Велевски