Украинците добиваат топло добредојде, додека луѓето од Блискиот Исток што преминуваат од Белорусија се соочени со илјадници граничари и високи огради, истакнува Џо Харпер од „Политико“
Двете страни на миграцијата во Европа
Полска воодушевено прифати повеќе од 2,5 милиони бегалци од Украина што ја преминаа границата. Но многу поладно е добредојдето за мигрантите што се обидуваат да влезат од Белорусија. Додека на Украинците што бегаат од руската инвазија гледа како на бегалци, Полска е многу поскептична кон барањата за влез на луѓето што пристигнуваат од Белорусија. Токму оваа граница е заштитена од илјадници погранични стражари, полиција, војници и ограда.
Белоруската криза беше поттикната од претседателот Александар Лукашенко, кој во државата не го спречи влезот на луѓе главно од Блискиот Исток преку аеродромот во Минск, кои потоа се упатуваа во Европската Унија (ЕУ). Полска, Литванија и Летонија одговорија со блокирање на своите граници, а полските власти беа на удар на критики заради „туркање“ на мигрантите назад кон Белорусија, без да ги разгледаат нивните барања за азил.
Поволни услови за украинските бегалци
Состојбата е многу различна кога станува збор за границата со Украина. Илјадници Полјаци отидоа на границата носејќи помош и храна, а голем број Украинци беа сместени во домовите на полски граѓани. Ова го подобри угледот на полската влада, која е навикната често да добива критики за назадување во процесите на владеењето на правото и демократските стандарди. На сите украински бегалци им е дозволено да останат и да работат 18 месеци во Полска, со можност за продолжување на рокот. Бегалците користат бесплатен јавен превоз, имаат пристап до здравствениот систем и добиваат детски субвенции. Ова е дел од одговорот што го практикуваат сите земји-членки на ЕУ. Унијата им дозволи на украинските бегалци привремена заштита во траење до три години.
Полската влада ја објаснува разликата во третманот со вперување на прстот кон Лукашенко. Но активистите и опозицијата искажуваат скептичност во однос на ваквиот официјален став. Јанина Очојска, пратеничка во Европскиот парламент од редовите на централнодесничарската Европска народна партија, позицијата на полските власти ја нарече „лицемерна“. Според неа, поповолниот третман на Украинците е потенциран од фактот што „тие се бели христијани што зборуваат на сличен јазик“. Оправдувањето на полските власти е дека Украинците бегаат од конфликтот што им се случува дома преку најблиската граница до безбедноста, а тоа е полската, додека оние што доаѓаат од Белорусија, морале да летаат дотаму од Ирак, Турција и други земји, па, според тоа, тие не се бегалци. Властите исто така ги отфрлаат обвинувањата дека Полска насилно турка луѓе назад во Белорусија.
Казни за активистите
Меѓутоа, активистите известуваат дека ситуацијата на теренот на границата е сосема друга. Активистите тврдат дека 28 луѓе загинале во обид да ја преминат. Пограничната стража соопшти дека минатата година привела 2.744 илегални мигранти и спречила 33.776 обиди за илегално преминување на границата. Додека властите имаат пофалби за полските доброволци што им помагаат на Украинците, оние што се осмелуваат да се упатат во близината на затворената зона по должината на границата со Белорусија за да помогнат на блискоисточните мигранти, добиваат многу различен третман. На 23 март беа уапсени четворица полски активисти, членови на волонтерската група „Граница“.
Невладината организација излезе со соопштение дека активистите му давале хуманитарна помош на семејство со седум деца, кое три месеци било заглавено на границата пред конечно да влезе на територијата на Полска. На овие активисти им се заканува затворска казна во должина до осум години. Моника Матуш, членка на „Граница“, ги нарече постапките на власта „чисто вознемирување“, а Очојска коментираше дека „активистите ги прават криминалци затоа што им помагаат на луѓе“.