Со лична и колективна дискредитација не се доаѓа до решение и запирање на штрајкот во градинките и училиштата. Шести ден од штрајкот на СОНК и веќе отворено почнаа жестоките напади врз штрајкувачите и раководството на СОНК. Обид за лична и колективна дискредитација на раководството на СОНК. Со нарачани текстови по одредени портали се прави обид за стекнување на недоверба кон раководството и обид за прекин на штрајкот. Значи, ако мислите да ги поколебате штрајкувачите и се надевате дека ќе го прекинат штрајкот што е нивна лична одлука, страшно се лажете. Единството е како никогаш досега, оправданоста на барањата, исто така. Значи, џабе ви е, напиша на својот фејбук-профил претседателот на СОНК, Јаким Неделков.
Според него, сите одлуки во СОНК се носат колективно, со изјаснување на сите членови.
– Колективната дискредитација е во правец на обидот од владини функционери да претстават во јавноста дека раководството на СОНК заради лични интереси не ги прифаќа понудените 10 %?! Без ниеден аргумент многу лесно обвинуваат и навредуваат, иако многу јасно неколку пати во текот на преговорите им беше кажано дека сите одлуки што ги носи раководството на СОНК ( Советот на СОНК ), се носат по претходно изјаснување на членовите на СОНК. Така беше и овој пат, што е спорно тука? Според владините претставници требало Советот да донесе ,,разумна,, одлука, игнорирајќи го 95% изјаснување на членството да се каже дека ,, понудата не важи,,. Не благодариме – напиша Неделков.
Претседателот на СОНК вели дека се работи за враќање на достоинството на професијата, а не за лични интереси.
– И конечно, одрдени медиуми и владини претставници, вршат обид за пласирање на тезата дека единствено СОНК е виновникот за штрајкот и прекинот на наставата. И самите не веруваат во тоа, а не па јавноста. Кажуваат дека СОНК уценувал, а не кажуваат дека впрочем, тие уценуваат. Барањето на Владате е прво да го прекинеме штрајкот, па потоа да преговараме. Ова не е класична уцена?
Почитувани, Ве замолувам да прекинете со притисоците што ги вршите врз нашите но и ваши партиски членови. Овојпат разберете ја пораката што ви ја праќаат со непослушност. Овојпат се работи за сопствена егзистенција и враќање на достоинството на професијата што ја застапуваат.
И да, зад штрајкот на СОНК стојат 25 000 членови, но и нечленови на СОНК, кои без разлика на синдикална, партиска, верска, национална и било каква припадност, рамо до рамо, заеднички штрајкуваат за социјални и законски права, верувајќи му на раководството на СОНК – вели Неделков.