Вработените во ЈП „Паркинзи на Општина Центар“, за жал, често се соочуваат со проблеми поради тоа што си ги извршуваат своите работни задачи. Тие секојдневно се соочуваат со вербални напади, особено вработените во пајак-службата, во куќарките и оние што се задолжени за поставување на механичкото средство блокатор. Физичките напади не се честа појава и се случуваат неколкупати во годината. Освен инциденти со напад на вработени, ЈП ПОЦ многу често се соочува и со кршење на рампите во затворените паркиралишта, но благодарение на Министерството за внатрешни работи многу од ваквиот тип инциденти брзо се решаваат, информираат од претпријатието

КОНСТАНТЕН СТРЕС ЗА ВРАБОТЕНИТЕ ВО ЈАВНИТЕ ПРЕТПРИЈАТИЈА

Да се работи една од јавните функции во кои дејствувате како продолжена рака на одредено јавно претпријатие воопшто не е лесна работа. Вработените во јавните претпријатија, комуналните инспектори, задолжените за спроведување ред на паркинзите се едни од најзагрозените вработени, бидејќи во нивните раце е „репресивната мерка“ за санкционирање на граѓаните што направиле некаков прекршок во согласност со правилниците за работа и законите. Тие се на нишан на нервозните граѓани, кои и покрај тоа што прекршиле закон, се дрзнале вербално, па и физички да напаѓаат вработени во јавните претпријатија.

ЧЕСТИ ВЕРБАЛНИ НАПАДИ

Неодамна беше евидентиран случај на напад врз вработен во јавното претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“, затоа што на непрописно паркирано лице му поставил блокатор на тркалото од возилото.
Пред една недела, случајот беше пријавен во Полициската станица во Центар. Дваесет и осумгодишниот С.С., од Скопје, пријавил дека околу 9.30 часот, на улицата Рајко Жинзифов, додека бил на работното место во ЈП ПОЦ, тој и Р.Р., исто така вработен во јавното претпријатие, биле нападнати со метален предмет од И.Б., поради поставен блокатор на неговото возило. Според пријавеното, И.Б. ги оштетил и блокаторот и службеното возило на јавното претпријатие.
За жал, од претпријатието потврдуваат дека ваквите случки се доста чести и дека вработените се соочуваат со доста чести вакви инциденти.
– Вработените во ЈП „Паркинзи на Општина Центар“, за жал, често се соочуваат со проблеми поради тоа што си ги извршуваат своите работни задачи. Тие секојдневно се соочуваат со вербални напади, особено вработените во пајак-службата, во куќарките и оние што се задолжени за поставување на механичкото средство блокатор. Физичките напади не се честа појава и се случуваат неколкупати во годината. Освен инциденти со напад на вработени, ЈП ПОЦ многу често се соочува и со кршење на рампите во затворените паркиралишта, но благодарение на Министерството за внатрешни работи многу од ваквиот тип инциденти брзо се решаваат – информираат од претпријатието.

НАПАДИ НАСЕКАДЕ

За волја на вистината, ова не е прв случај на напад на службено лице, кое само си ја врши својата работа.
Речиси секојдневно сведочиме за голем број вакви инциденти во различни области. Постојано страдаат и контролорите на јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“, чија работа е контролирање на патниците дали платиле за своето возење. Па, така, често низ билтените на Министерството за внатрешни работи можеме да прочитаме дека бил нападнат контролор од страна на патници, затоа што им дал казнен билет.
Ништо подобра не е ниту ситуацијата со комуналните инспектори, чија работа е изрекување казни за оние што загадуваат и фрлаат отпадоци на јавно место. Иста е ситуацијата и со полициските службеници, кои секојдневно вршат контрола на сообраќајот.
За жал, станавме крајно небезбедна земја, бидејќи се напаѓаат буквално сите. Дури и докторската фела е исплашена за својот живот, поради роднините на пациентите што ги лекуваат, а кои, за жал, ја изгубиле битката со болеста за која биле однесени во болница.

ТРАУМИ ЗА СИТЕ

Граѓаните, особено оние што посведочиле на ваквите инциденти, велат дека примитивизмот никогаш нема да излезе од поединци, кои, очигледно не се подготвени да живеат во 21 век, каде што секојдневното функционирање е диригирано од страна на правила и прописи.
– Секојдневно гледам и слушам разни инциденти. Од пцости и вербални напади на вработените, па сѐ до кршење на рампите. Тоа е навистина трагично за нашиот град. Ние сме метропола и мора да научиме да се однесуваме цивилизирано. Да, Скопје има голем проблем со паркиралиштата и тоа не е спорно, меѓутоа не може доколку нешто не ни се допаѓа ние да реагираме со насилство. Тоа е недопустливо. Работам во централното градско подрачје, секојдневно гледам како паркираат возила и не плаќаат, а потоа, кога пајак-службата ќе дојде да го крене возилото, сопствениците се нервозни и бурно реагираат. Значи на секое паркиралиште стои табла што информира која е цената, дека мора да се плати и слично. Како може возрасен и свесен работоспособен човек да се однесува толку игнорантно и да ги игнорира правилата, навистина не ми е јасно, за на крајот, вината повторно да биде кај вработените во претпријатието – вели Александар Столевски.
Граѓаните исто така велат дека е најстрашно кога ваквите инциденти се случуваат пред деца, кои ваквите трауми многу лично и трауматично ги доживуваат.
– Да, сите сме нервозни и имаме цела планина проблеми што ни тежат, меѓутоа, мора да се најде начин за самоконтрола. Најлошо е кога пцостите се искажуваат пред деца, па уште и кога ќе се нападне некој вработен, децата навистина се плашат и доживуваат крајно непотребни трауми поради тоа – вели Нашата Милошевска.