Фото: МИА

Викендов во Македонија ќе бидат отворени две бугарски културни институции. Здружението „Балкански хоризонти“ отвора центар на заедницата во градот Охрид, а новиот клуб на бугарскиот културен центар „Ванчо Михаилов“ ќе биде отворен во Битола.

– Наша цел е да им го претставиме бугарскиот начин на живеење и култура на граѓаните на Охрид и на цела Македонија. За таа цел, ќе имаме бугарски списанија, книги, и белетристика и историска литература – изјави претседателот на здружението, Љупчо Куртелов, за „Бгнес“.

Тој прецизира дека „Балкански хоризонти“ ќе организира концерти со учество на бугарски фолклорни ансамбли.

Клуб со библиотека од над 2.000 учебници, историски книги и дел архивски материјали се очекува денеска да отвори бугарскиот премиер Кирил Петков во центарот на Битола. Петков доаѓа заедно со потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова.

На отворањето ќе присуствува и поранешната вицепремиерка и министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева.

– Отворањето на реновираниот центар беше планирано одамна, но беше одложено поради почетокот на војната во Украина. Ова реновирање беше можно благодарение на програмата создадена од владата на Бојко Борисов за помош на бугарските заедници и особено на организациите што работат на зачувување на бугарскиот дух – изјави Захариева за „Бгнес“.

Екатерина Захариева рече дека имаат многу сериозни и сигурни информации оти премиерот се обврзал во мај или најдоцна во јуни да ја одобри преговарачката рамка од Бугарија.