Фото: Игор Бансколиев

По изјавата на министерот за надворешни работи дека има документ што бил прифатлив за Македонија како основа за договор со Бугарија, домашната експертска јавност е на нозе и во недоумица што точно содржи тој документ. Она што сега повторно загрижува, исто како и со Преспанскиот договор, е недостигот од транспарентност во преговарачкиот процес со Бугарија, со што Македонија одново се става пред свршен чин да прифати нешто што е на нејзина штета

Ја турка ли тајноста, во преговорите со Софија, нашата влада кон погубно решение

Признанието на министерот за надворешни работи Бујар Османи дека има документ како основа за договор со Бугарија, кој е прифатлив за македонската страна, предизвика бурни реакции во јавноста, која се прашува што содржи тој документ, зошто истиот тој не е достапен за јавноста и дали тајноста на преговорите може повторно да биде на штета на Македонија.
Слично сценарио на земјава ѝ се случи со Преспанската спогодба, кога само тогашниот премиер Заев и министерот за надворешни работи Димитров беа запознаени и преговараа со Грција, без да ја информираат домашната јавност за што точно се преговара, за на крајот да се потпише договор, чии негативни ефекти испливуваат на површина и до ден-денес.
Она што сега повторно загрижува е недостигот од транспарентност во преговарачкиот процес со Бугарија, со што Македонија одново се става буквално пред свршен чин да мора да прифаќа нешто што не е во нејзина полза.
Без оглед што од Софија пристигаат информации дека станува збор за постар документ уште од февруари што бугарската страна веќе го одбила, сепак извесно е дека постои некаков документ со кој калкулира и бугарската страна, а дека е тоа така, говорат последните спротивставени изјави од страна на коалициските партнери во бугарската влада околу можноста Бугарија да го крене ветото за Македонија во јуни.
Затоа се и реакциите од страна на македонската јавност, која со право сака да знае за што преговара министерот Османи, бидејќи негова основна задача е да ги штити националните интереси, а не да преговара како државата да е негова приватна сопственост.
Транспарентноста подразбира една поширока дебата во врска со документот, почнувајќи од расправа во македонското собрание, вклучувајќи и во МАНУ, но и во други институции каде што стручната јавност ќе има можност да се изјасни во однос на сите точки на еден таков документ. Впрочем, македонското собрание веќе донесе резолуцијата, која беше широко прифатена од сите и која се однесуваше токму на заштитата на националните интереси на Македонија во преговорите со Бугарија. Оттаму една таква внатрешна дебата и во однос на содржината на документот што го споменува Османи ќе овозможи градење заедничка позиција поддржана од сите чинители во општеството, што од друга страна ќе значи и потврда дека е постигнат квалитетен договор со соседна Бугарија, со кој се заштитени македонските национални интереси и за кој утре нема никој да има забелешки и нема да го оспорува.
Поранешниот вицепремиер за евроинтеграции и амбасадор Ивица Боцевски смета дека тајноста на преговорите остава простор за сомнеж дека повторно нешто се подготвува на штета на Македонија.
– Јагнето месарот нежно го гали и го смирува пред да го заколе. Ова е најдобар одговор што ни се подготвува штом никој од нив нема храброст барем да излезе на затворена седница на Комисијата за надворешна политика на Собранието и да информира што договориле со Софија – вели Боцевски.
Според него, начинот на кој се преговара со Бугарија несомнено ќе доведе тој нов договор да се ратификува во македонското собрание исто како што беше ратификувана Преспанската спогодба, на мускули.
– Тие не ни имаат намера да бараат демократска поддршка од јавноста, туку по примерот со Преспанскиот договор по народното „не“ на референдумот ќе се оди на сила и со замолчување на критичарите – смета Боцевски.


ПРАВНИТЕ ЕКСПЕРТИ ДЕЦИДНИ

Доследно спроведување на меѓународното право апсолутно ги штити македонскиот идентитет и јазик

Несомнено меѓу Македонија и Бугарија повремено кружи некаков документ за кој деталитe ги знаат само министерот за надворешни работи Османи и премиерот Ковачевски, без да се споделуваат информации за што точно се преговара.
Зачудува фактот како по Преспанската спогодба, Македонија не ја научи лекцијата од Грците, кои во подготовката на текстот на договорот потпишан во Нивици вклучија четириесетина експерти од разни области, кои точка по точка ги чешлаа членовите и ги приспособуваа според грчките интереси.
Затоа и Македонија сега, наместо да ги таи документите, треба да вклучи домашни правни експерти што ќе го анализираат текстот и ќе ги лоцираат сите скриени замки што подоцна можат да предизвикаат несогледливи последици за националните интереси на државата.
Она што особено е важно, тоа е дека тој документ мора да биде во согласност со меѓународното право, бидејќи само на тој начин вистински може да се заштити македонскиот идентитет и јазик. Сè друго е импровизација и впуштање во соло-импровизации на одредени политичари или на министерот Османи.
– Со тој документ треба да бидат запознаени пратениците, особено опозицијата, како и „експертите“, ако воопшто ги има во Македонија. Никаков иден договор со Бугарија не може да биде легален, бидејќи предметот на идниот договор е нелегален! А предметот е познат, се однесува на побугарување на македонскиот народ и негација на македонската нација, со цел бугарска културна и национална асимилација. Секаков нацрт на линија на договорот од 2017 година е погубен и треба да се отфрли – категоричен е Игор Јанев, универзитетски професор по меѓународно право од Институтот за политички студии во Белград.
Професорот Јанев препознава прекршување на меѓународното право уште во договорот со Бугарија, така што, според него, едноставно е невозможно да произлезе некој меѓународноправен издржан документ што влече корени од Договорот за пријателство и соработка.
– Прво, и самиот договор со Бугарија, со кој се отвора „прашањето на македонскиот идентитет“, е нелегален, бидејќи според меѓународното право, секој договор насочен кон менување или ревизија на националниот идентитет е нелегален, односно етноциден или културоциден. Секој „идентитетски договор“ е нелегален – категоричен е професорот Јанев.
Тој понатаму потсети дека тој момент не ѝ бил познат на домашната јавност кога наивно и во заблуда за легалитет беше склучен бугарско-македонскиот договор во 2017 година, па потоа и беше експресно ратификуван, речиси едногласно.

– Тогаш експертите не се огласија! Не им беше јасно дека таквите договори имаат недозволен предмет на склучување. Инаку, актуелната власт ниту сега нема никого за да се консултира, па така ќе се обиде, најверојатно, да го истурка овој дополнителен договор или анекс, чиј основен предмет е признавање дека сите ние сме Бугари и дека македонската нација е бугарска. Ова ќе биде пукање „во нога“, односно признавањето дека ние самите се откажавме да бидеме Македонци – предупредува Јанев.
Професорот понатаму појаснува во кој дел гледа прекршување на меѓународното право, повикувајќи се на меѓународните конвенции и декларации.
– Се работи за флагрантно кршење на сите меѓународни конвенции и декларации, како пример тие од УНЕСКО од 1966 и 1982, во врска со сувереноста на националниот идентитет.
Како и со Преспанскиот договор, исто и со овој договор од 2017 година, грубо се ускратува правото на (наша) националност, која се поништува и заменува со вештачка (прво северномакедонска со Преспанскиот, па потоа и со бугарската импутирана националност во финишот на целиот процес за етноцидна асимилацијата и културната негација) – прецизира професорот Јанев, притоа додавајќи дека народот мора да реагира на ваквите обиди за негово асимилирање.
Тој уште еднаш го повторува својот категоричен став дека и Преспанската спогодба, како и Договорот за пријателство и соработка со Бугарија се спротивни на меѓународното право и Македонија треба еднострано да ги раскине.