Руската Амбасада во Скопје излезе со реакција по повод протерувањето на дополнителни шест руски дипломати од страна на Македонија.
– Без да се најави реакцијата на руската страна на овој непријателски чекор, истакнуваме дека неговите последици ќе имаат сериозно влијание врз односите меѓу Русија и Македонија. Посебно сакаме да нагласиме дека обвинувањата се целосно неосновани – наведува руската Амбасада на својата официјална Фејсбук страница.
Во реакцијата на Амбасадата се наведува дека „руските дипломати никогаш не се мешале во внатрешните работи на Македонија и не извршувале дејствија што ја прекршуваат Виенската конвенција за дипломатски односи од 1961 година“.
– Убедени сме дека таквата практика е спротивна на стремеж на народите на нашите земји за конструктивна соработка, нема перспектива и води кон конечно деградирање на билатералните односи. Се разбира, руската страна ќе преземе мерки, не нужно симетрични, но чувствителни, како одговор на овој чекор, како и на прогласувањето на петмина дипломати на Амбасадата „personae non grataе“ на 28 март годинава – наведува Амбасадата.
Република Македонија на 28 март прогласи за персона нон грата петмина руски дипломати, а денеска дополнителни шестмина, поради, како што наведе МНР, извршувале активности што се во спротивност со Виенската конвенција за дипломатски односи.