Претседателот на СОНК на својот фејсбук-профил утрово напиша дека денеска е четврти ден од почетокот на штрајкот во градинките и училиштата, без понуда за зголемување на платите
Не постои можност за договор за зголемување на платите само за вработените во образованието, без договор и за платите на вработените во градинките. Генералниот штрајк во училиштата и во градинките ќе продолжи се додека нема решение за сите. Ова денеска за „Нова Македонија“ го посочи Јаким Неделков, претседателот на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК), по што се заклучува дека барањата се идентични и за наставнивиците и за вработените во градинките, односно дека за нив се преговара со двете министерства во пакет.
Тој на својот фејсбук-профил утрово напиша дека денеска е четврти ден од почетокот на штрајкот во градинките и училиштата, без понуда за зголемување на платите.
– Наместо наоѓање на решение на проблемот, МТСП врши обид да ги заплашува штрајкувачите во градинките со разноразни дописи. Почит и поддршка до сите вработени во градинките и училиштата кои се во штрајк и препорака да го прочитате текстот од химната на СОНК. Сѐ ви е кажано – порача Неделков.
Претседателот на СОНК апелира што побрзо да се дојде до решение за што побрзо да се надмине оваа ситуација и да се врати нормалниот тек во училиштата и во градинките. Исто така, вчера изјави оти СОНК очекува понуда до вечерва или до утре напладне, за да одлучува како ќе постапи понатаму. Неделков најави и прес-конференција на која најави дека ќе го соопшти текот на штрајкот, како и притисоците кон штрајкувачите.
Министерот за образование и наука Јетон Шаќири денеска се обрати на синдикалците од СОНК со молба и апел да овозможат враќање на учениците на настава.
– Барањето на СОНК е легитимно и покачување на платите ќе има. Социјалниот дијалог со СОНК ќе продолжи. Но, приоритет за мене како министер се учениците и нивното враќање во училишните клупи – изјави Шаќири.
Тој посочи дека најдобар интерес е учениците да се вратат во училниците, а истакна и дека денеска ќе испрати писмо до СОНК и ќе побара од нив да дозволат да се вратат учениците на настава.
– Апелирам до СОНК да им овозможиме на учениците навремено да ја завршат учебната година. Тоа е наша законска, морална и етичка обврска. Наставниците се најважна алка во образовниот процес, но и учениците се важна оска на секоја образовна политика и затоа не смеат повеќе да губат од наставата – рече Шаќири кој на крајот упати и молба до синдикаците кои се на генерален штрајк да овозможат враќање на учениците назад во училишните клупи.