Неконтролираниот раст на цените за струја и нарушувањата предизвикани од конфликтот во Украина резултираа со пораст на потрошувачките цени во еврозоната, постигнувајќи нов рекорд од 7,5 отсто во март, како што неодамна објави европската агенција за статистика, пренесува Јанос Аман за „Еурактив“
Колку е загрозено економското закрепнување по пандемијата?
Растот на цените во изминатиов месец означи дополнително засилување на инфлацијата од февруари, која со 5,9 отсто на годишно ниво веќе беше рекордна во еврозоната, се вели во извештајот на европската агенција за статистика „Евростат“. Овој наплив е поттикнат од растот на цените на енергентите за 44,7 отсто, откако Европа се најде „заглавена“ во нафтена и гасна криза, како последица на тензиите со Русија, кои настанаа поради нејзината специјална воена операција во Украина. Ценовниот пораст води кон значително намалување на реалните плати на Европејците. Претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард, предупреди дека продолжувањето на конфликтот во Украина ќе го задржи неконтролираниот бран на покачени енергетски цени и повисоки трошоци за живот, што ќе го загрози закрепнувањето во периодот по ковид-19. Слични инфлациски скокови се забележани и во САД, каде што Федералното биро за резерви сериозно се посвети на постојано зголемување на каматите, со цел да ја стабилизира економијата и да го запре порастот на цените. Меѓутоа, ЕЦБ засега се воздржува од слични мерки, зашто е убедена дека порастот на животните трошоци е поврзан со конфликтот, како и со долготрајните нарушувања во светските синџири на снабдување, предизвикани од пандемијата на ковид-19.
Како да се реагира на зголемениот притисок?
Сепак, со оглед на немилосрдното темпо на инфлацијата, аналитичарите сметаат дека Лагард наскоро нема да има друг избор, освен да ги преиспита своите политики. Посебна загриженост за политичарите претставува основната инфлација, во која не влегуваат променливи компоненти како што се енергијата и храната. „Евростат“ соопшти дека таа во март пораснала на три отсто. Ова е цел процентен поен над проектираните два отсто на ЕЦБ, кој им дава за право на критичарите што тврдат дека зголемените камати се насочени кон намалување на инфлацијата.
Јоаким Нагел, гувернер на Централната банка на Германија, смета дека монетарната политика не би требало да ја пропушти можноста за навремени контрамерки. Но со оглед на фактот дека ЕЦБ нема директна алатка со која може да влијае на цените на бензинот или генерално, на цените на енергијата, останува нејасно на кој начин би можела да преземе контрамерки за намалување на цените.
Економистите предупредуваат дека зголемувањето на каматните стапки ќе го „кочи“ постпандемското закрепнување, при што официјални лица веќе предупредуваат дека сегашните прогнози за раст во Европа со сигурност ќе бидат погодени поради конфликтот во Украина.
Потребни се политички решенија
Имајќи предвид дека цените на енергентите претставуваат нерешлив проблем за ЕЦБ, задачата да се борат против порастот на цените останува на товар на националните влади. На пример, сакајќи да ги заштити домаќинствата од ценовни шокови, шпанската влада се залага за ограничување на цената на гасот, додека други влади ги поттикнуваат домаќинствата да купуваат гориво. Сепак, суштински станува збор за субвенции за енергија, кои, доколку сè повеќе се применуваат од страна на различни земји-членки, можат да ја изгубат својата ефикасност, притискајќи ги цените да растат уште позасилено. Имајќи ја предвид зависноста на Русија од приходите од фосилни горива, ваквите субвенции би можеле да произведат контрапродуктивен ефект.
Други мерки за намалување на ефектот од растот на цените врз населението може да вклучуваат здружено купување гас, инвестирање во други извори на енергија, директна финансиска помош за домаќинствата, независно од нивната потрошувачка на енергија, па дури и рационализација на потрошувачката на гас. Исто така, неодамнешното намалување на ограничувањата во однос на државна помош им овозможува на земјите-членки на ЕУ директно да им помагаат на компаниите што западнаа во финансиски проблеми поради случувањата во Украина.