По 30-те натпревари сезонава разликата е само еден бод, Манчестер сити е прв со 73 бода, а Ливерпул втор со 72 бода

ФУДБАЛ – ПРЕМИЕР-ЛИГА

Утре попладне (17.30 часот) на стадионот „Етихад“, Манчестер сити го пречекува Ливерпул во, веројатно, решавачкиот меч за титулата во Премиер-лигата. Можеби не станува збор за историско дерби, но Манчестер сити против Ливерпул стана најголемото ривалство во последните десетина години во Премиер-лигата и од овој меч се очекуваат многу возбудувања. По 30-те натпревари сезонава разликата е само еден бод, Манчестер сити е прв со 73 бода, а Ливерпул втор со 72 бода. Во изминатите четири сезони, Манчестер сити победи и ремизира по трипати на седумте натпревари, со гол-разлика 14-8, а е непоразен од Ливерпул на „Етихад“ од 2015 година, 1-4, пред да дојде Пеп Гвардиола. На досегашните 49 средби во Премиер-лигата, Ливерпул забележал 20 победи, 18 пати ремизирал, а има 11 порази.
Во 2018 година, Манчестер сити постави нови стандарди во Премиер-лигата кога стана шампион со 100 бода, постигнувајќи 106 гола. Ливерпул заврши со 25 бода помалку на четвртото место. Но оттогаш има многу мала разлика меѓу двата клуба. Тие меѓу себе поделија уште три титули, две за Сити и една за Ливерпул. Во текот на минатите четири кампањи ги дели само еден бод, Манчестер сити води со 338 бода од 144 натпревари, а Ливерпул има 337.
За експертите за податоци „Нилсен Грејснот“, Манчестер сити е најдобар тим во Европа во моментов, а веднаш по него е Ливерпул. Според тоа рангирање, заедно со фактот дека играат дома „Нилсен Грејснот“ го смета Сити за фаворит за освојување нова титула, односно му дава 61 отсто шанси да го подигне трофејот, наспроти 39 отсто за тимот на Јирген Клоп. Но нападот на Ливерпул би можел да им ги помати сметките на прогнозерите. Податоците на „Нилсен Грејснот“ покажуваат дека сезонава Ливерпул има повеќе шутеви отколку во која било од претходните шест сезони на Јирген Клоп во клубот, што е зголемување од речиси 30 отсто во споредба со оваа фаза лани.