Препораките на Комисијата за заразни болести прво ќе бидат разгледани од Главниот координативен кризен штаб и потоа откако ќе бидат усвоени од сите членови ќе бидат ставени на првата наредна седница на Владата.
Ова денеска го изјави премиерот Димитар Ковачевски, кој рече дека во однос на понатамошните препораки што ќе се случува тоа исклучиво зависи од Комисијата за заразни болести.
– Во неколку наврати имам кажано дека од исклучиво значење е мислењето кое го даваат докторите членови на Комисијата за заразни болести, а нивното мислење и знаење и искуство се покажа како точно и правилно применето од страна на Владата, бидејќи јас откако сум премиер придружуваќи се до она што го кажуваат лекарите, до нивните емпириски студии и искуствата кои ги користат од европската и од СЗО се покажа како исправно со оглед на тоа што трендовите што ги предвидуваа како во однос на почетокот на школската година, како во однос на намалувањето, односно олеснувањето на мерките, така ќе биде и понатаму во носењето на идните мерки – додаде Ковачевски, одговарајќи на новинарски прашања по посетата на реновираниот оддел за онкологија на Универзитетската клиника за детски болести.