Новообјавените бројки, според упатените, зборуваат дека Скопје не апсорбирало толку многу луѓе од внатрешноста како што се претпоставуваше, со оглед на тоа што во него во изминативе години интензивно се градеше, така што бројот на становите е зголемен за над 30 проценти, и дека внатрешните миграции од село кон град се занемарливи во однос на проблемот со иселувањето надвор од државата
ПОВЕЌЕТО ОПШТИНИ НИЗ МАКЕДОНИЈА СО ДРАМАТИЧНИ ЗАГУБИ НА НАСЕЛЕНИЕТО
Само во 14 општини, главно скопски градски и приградски, има одредено зголемување на бројот на жителите во изминативе 20 години, поради што последниот попис покажа и дека метрополата е збогатена со околу 20 илјади жители од пописот спроведен во 2002 година. Но затоа сите други 66 општини низ земјава се во загуба, при што особено драматична е состојбата во Гостивар, од каде што помеѓу двата пописа исчезнале над 20 илјади луѓе, односно популацијата од 81.042 луѓе во 2002 година се свела на 59.770 во 2021 година. Големи загуби бележат и Битола, каде што бројката од 95.385 се сведе на 85.164 жители, и Струга, која во 2002 година имаше 63.376, а сега има 50.980 жители, како и Кичево, кое од 56.739 падна на 39.669 жители. Резултат на тоа, меѓу другото, се и уште 60 испразнети населени места од 2002 година, кога во земјава имало 147 празни населби, а сега ги има вкупно 207.
Сето тоа, според упатените, зборува дека Скопје не апсорбирало толку многу луѓе од внатрешноста како што се претпоставуваше, со оглед на тоа што во него во изминативе години интензивно се градеше, така што бројот на становите е зголемен за над 30 проценти, и дека внатрешните миграции од село кон град се занемарливи во однос на проблемот со иселувањето надвор од државата.
– Вкупното население на Скопје сега е 526.502, што претставува зголемување од 3,9 отсто во однос на 2002 година. Бројот на домаќинствата во Скопје е 171.171, што во споредба со 2002 година претставува зголемување од 16,8 отсто, а зголемен е и бројот на станови за 30,6 отсто и сега ги има 213.850 – објасни директорот на Заводот за статистика, Апостол Симовски, при презентацијата на првиот сет податоци од пописот.
Со тоа се доведе во прашање основаноста на тврдењата дека Скопје како „пренаселен град“ треба да се прогласи за затворен за нови доселувања. Таквите барања беа мотивирани, пред сѐ, од урбанистичкиот и сообраќајниот хаос во метрополата, но и од погрешната процена дека во неа има над 700.000 жители и впечатокот дека тоа е поради наводните масовни доселувања од внатрешноста.
Но демографот и поранешен директор на Заводот за статистика, Дончо Герасимовски, освен на миграциите, кои како што покажаа новообјавените податоци главно се насочени кон надвор од државата, укажува и на со години присутниот негативен природен прираст на населението.
Како што појаснува тој, негативниот природен прираст започнал во 2019 година, односно оттогаш стапката на смртност за првпат била поголема од наталитетот.
– Во голема мера зголемувањето на морталитетот е поради ковидот. Катастрофално е што во сите осум региони има негативен природен прираст. Во 72 општини имаме негативен природен прираст – констатира Герасимовски. Д.М.М.