Единственото натпреварување во кое македонски возачи ќе се испробаат на вистински
тркачки патеки во Европа, Твинго куп викендов ја почнува третата сезона. Возење со
подеднакво подготвени возила и шест различни европски патеки се предизвик за
деветтемина Македонци кои од април до октомври ќе се борат за титулата на
сезоната, која вклучува и парична награда, но и за главната награда – електричниот
автомобил „рено твизи“ што ќе го добие најдобриот возач од сите три сезони.
Твинго купот им нуди можност на натпреварувачите да ги покажат своите возачки
способности и да уживаат на патеката. Покрај за Твинго купот во кое има засега 33
пријавени возачи, истите трки ќе се бодуваат и за ФИА ЦЕЗ првенството, и за
националните првенства на Словенија и на Македонија, а трофеи ќе им бидат
доделени и на најдобрите во категоријата „јуниор“ за возачи до 23 години, како и
категоријата „џентлмен“ за возачи над 40 години.

Организаторот Aутомотив Груп и АКК Рено Спорт Скопје сезонава ќе им овозможат на
возачите да имаат вистински предизвик со учество на патеки на кои се вози и Формула
1, а Твинго купот ќе биде придружен дел од тркачките викенди на одредени патеки каде
исто така ќе се возат трки од различни серии.

– И покрај тешките времиња пред се поради короната, успевме да организираме две
сезони од Твинго купот. Секоја сезона одиме чекор напред, следејќи ги амбициите на
нашите натпреварувачи. Учиме како клуб, како организатор и како натпреварувачи и
секоја сезона сме се подобри. Твинго куп е подеднакво и натпреварување, и дружење
и забава. Најважно е што можеме да покажеме, а и досега покажавме дека и во овој
спорт имаме и таленти и зрели возачи. Сезонава првпат ќе возиме на патеки како што
се Ред Бул Ринг, Брно и Монца. Тоа се нови предизвици за нашите натпреварувачи, за
нивните можности и чекор напред во нивната афирмацијата, но и на македонскиот
авто спортот надвор од државата. Ги знам добро и верувам во момците кои ги
управуваат овие „мали количиња“ дека имаат квалитет да се носат со конкуренцијата.
Голема благодарност и до спонзорите Аутомотив Груп, С-лизинг, ПСС, Триглав и
Агенцијата за млади и спорт кои нѐ следат во оваа европска авантура на Твинго купот –
вели Зоран Калеников, организаторот на Твинго купот.

Од пријавените 33 возачи од шест држави во Твинго купот, најбројни се оние од
Словенија, а од Македонија ќе има девет возачи. Ќе има и возачи од Србија, Италија,
Чешка и Австрија.

Во првенството на Македонија ќе се борат девет возачи. Петмина се членови на АКК
Рено Спорт Скопје, двајца се од Свифт рејсинг, и по еден член имаат АКК Проспорт и АКК Сити Скопје. Ќе има и двајца дебитанти кои ќе возат на познатите патеки во Европа
заедно со другите натпреварувачи. Тоа се Борис Стојменов и Мурис Хамзиќ, кои ќе
бидат во возила на AKK Рено Спорт Скопје.

Актуелен првак во Аутомотив Твинго купот за 2021 година е Давид Малинковски кој лани освои 122 бода и победи на четири од вкупно осум трки, а шестпати беше на пиедесталот. Лани имаше петмина различни победници на трките од Аутомотив Твинго купот.

Натпреварувачи во Аутомотив Твинго купот

Борис Стојменов – АКК Рено Спорт Скопје
Ненад Костовски – АКК Рено Спорт Скопје
Ангелче Стојковски – Свифт Рејсинг
Давид Малинковски – АКК Рено Спорт Скопје
Владимир Тренески – Свифт Рејсинг
Слободан Трајковски – АКК Рено Спорт
Зоран Мираковски – АКК Проспорт
Марко Блажевски – АКК Сити Скопје
Мурис Хамзиќ – АКК Рено Спорт

Сезонава планирано е да се возат вкупно 12 трки на шест патеки во Европа. Твинго купот ќе се вози на познатите Ф1 патеки во Унгарија, Австрија и Италија, како и на патеките во Централна Европа каде заедно во ист тркачки викенд ќе се возат и трки од ТЦР Источна Европа, ФИА ЦЕЗ, Еф-екс серија покажувајќи ја сериозноста на организаторите ова натпреварување да биде со сериозни натпреварувачи на познати светски тркачки патеки.

Комерцијална објава