Речиси половина од Американците стравуваат дека енергијата може да стане премногу скапа или недостапна, а 44 отсто велат дека енергетската ситуација е многу сериозна, како што беше за време на нафтената криза во 1970-те – покажа истражувањето на „Галуп“.
Дури 47 отсто од испитаниците во анкетата на „Галуп“ изјавиле дека многу се плашат од растот на цените и проблемите со снабдувањето со енергија. Во истиот период минатата година енергијата ги загрижила 37 отсто од испитаниците, а во 2020 година само 22 отсто од нив.
Подеднакво голем број испитаници стравуваа од високите цени на енергијата и недостигот во 2001 година.
Истражувањето беше спроведено од 1 до 18 март, кога цената на бензинот во САД достигна рекордно високо ниво од повеќе од четири долари за галон (3,7 литри) во просек.
„Галуп“, исто така, откри дека 44 отсто од испитаниците ја сметаат енергетската ситуација во САД за „многу сериозна“, како и за време на нафтената криза во 70-те години на минатиот век, кога Галуп првпат спроведе истражување.
Најголем дел од испитаниците, 58 отсто, ја опишаа енергетската ситуација како „многу сериозна“ во мај 2001 година, период на силно зголемување на цените и прекини на струја во Калифорнија поради недостиг.
Последната анкета покажува и дека испитаниците се поделени околу тоа дали приоритет треба да биде заштитата на животната средина или развојот на нови извори на енергија – 50 отсто од нив приоритет би и дале на животната средина, а 46 отсто на производството на енергија.
Според „Галуп“, само 38 отсто од испитаниците ја одобруваат енергетската политика на претседателот Џо Бајден, а 36 отсто ја поддржуваат неговата економска политика.