Фото: Игор Бансколиев

Во плејоф-финалето, Македонија загуби од Португалија, која се пласира на СП. Македонските фудбалери, кои пред неколку дена приредија сензација, елиминирајќи го актуелниот европски првак Италија, одиграа уште еден извонреден меч. Вкупно, Македонија покажа дека може да им парира и на најдобрите во Европа и оти не случајно стигна до финалето, а потврда за ова се мечевите во Порто и во Палермо, но и во групната фаза од квалификациите, пред сѐ победата над Германија, но и решавачките мечеви за пласман во баражот, на гости со Ерменија и дома со Исланд. Македонските фудбалери не успеаја да ја поминат последната пречка за деби на СП, но заслужуваат големи честитки за прикажаните игри и за постигнатите резултати

ПО КВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА СП 2022

Фудбалската бајка за Македонија заврши на стадионот „Драгао“ во Порто, со поразот од Португалија (0-2, двата гола ги постигна Бруно Фернандес, во 32-та и во 65-та минута), која обезбеди пласман на Светското првенство (СП) во Катар кон крајот на годинава. За Португалија тоа ќе биде шести по ред настап на СП, вкупно осми. Тие не пропуштија настап на голем турнир во минатите 20 години. Првата ѕвезда во тимот, Кристијано Роналдо (37), кој е рекордер според бројот на постигнати голови за репрезентација, 115, ќе настапи на своето петто СП.
– Честитки за Португалија за победата и за пласманот на Светското првенство. Задоволен сум од моите играчи. Треба да бидеме горди на момците за она што го направија од септември до сега. Тие имаат голем потенцијал и талент и се на добар пат да се доближат до најдобрите во Европа – изјави селекторот на Македонија, Благоја Милевски.
Македонските фудбалери, кои пред неколку дена приредија сензација, елиминирајќи го актуелниот европски првак Италија, на гости, во Палермо, со 1-0, одиграа уште еден извонреден натпревар, играа храбро, борбено и беа речиси рамноправни со Португалците. Како и да е, Македонија покажа дека е фудбалска сила и оти може да им парира и на најдобрите во Европа и дека не случајно стигна до финалниот плејоф-натпревар за пласман на СП. Потврда за оваа констатација е мечот во Порто, претходно во Палермо, но и во квалификациската кампања за СП, пред сѐ, победата на гости над четирикратниот светски шампион Германија (2-1), но и последните две, во решавачките мечеви, на гости со Ерменија (5-0) и дома со Исланд (3-1) за освојување на второто место во групата Ј. Македонските фудбалери не успеаја да ја поминат последната пречка за деби-настап на СП, но заслужуваат големи честитки за прикажаните игри и за постигнатите резултати.


Утре ждрепка на групите за СП 2022

По двата финални плејоф-меча, Португалија – Македонија (2-0) и Полска – Шведска (2-0), познати се 12 од 13-те европски фудбалски селекции што ќе настапат на Светското првенство (СП) во Катар. Тоа се Германија, Данска, Франција, Белгија, Хрватска, Шпанија, Србија, Англија, Швајцарија, Холандија, Полска и Португалија. Во одложениот плејоф-меч, во јуни Велс ќе се сретне со подобриот од дуелот Шкотска – Украина. Од Африка на СП се пласираа Сенегал, Камерун, Гана, Мароко и Тунис, од Јужна Америка, Бразил, Аргентина, Еквадор и Уругвај, а Перу ќе игра во интерконтиненталниот плејоф со Австралија или со Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) во јуни. Од Азија на СП се Катар, Јужна Кореја, Иран, Јапонија и Саудиска Арабија и можеби Австралија или ОАЕ. Од Северна Америка, пласман имаше обезбедено Канада, синоќа САД, Мексико и Костарика играа за преостанатите две места, а една од нив ќе игра во јуни во интерконтиненталниот бараж со Соломонски Острови или со Нов Зеланд (играа синоќа). Ждрепката за составот на групите е закажана за утре доцна попладне во Доха. Селекциите ќе бидат поделени во четири барабани (по осум репрезентации), според пласманот на ранг-листата на Светската фудбалска федерација, која треба да биде објавена денеска.


Ристовски: Мораме да продолжиме

Капитенот на фудбалската репрезентација на Македонија, десниот бек, Стефан Ристовски, од 2017 до 2021 година настапуваше во Португалија, во Спортинг Лисабон.
– Беше отворен натпревар, Португалија доминираше, но ние си заминуваме дома со кренати глави. Отидовме на патување за кое никој не би поверувал и можеме да бидеме многу горди на тоа. Направивме голем шок што го запрепасти светскиот фудбал (елиминацијата на Италија – н.з.), но мораме да продолжиме и да веруваме дека е можно да бидеме на повеќе вакви натпревари. На Светското првенство ќе навивам за Португалија, јас по малку се чувствувам и како Португалец, мојот син е роден тука, имам португалски пасош и би сакал да ја видам Португалија како го освојува првенството – рече Ристовски.


Сантош: Победив на два големи турнира, сонувам да освојам и трет

Заслужена победа. Создадовме неколку можности за гол, а не паметам слични ситуации за нив. Веќе победив на два големи турнира, сонувам да освојам и трет. Во првите десетина минути не игравме како што треба, но јас и претходно реков дека оваа македонска екипа знае да игра. Имаше дух на меѓусебно помагање и голема поддршка од навивачите, изјави Фернандо Сантош, селекторот на Португалија, кој победи на Европското првенство во 2016 година и во Лигата на нациите во 2019 година.