Новиот музички проект на познатиот актер, музичар и изведувач, Раде Шербеџија утревечер ќе биде презентиран во големата сала на Центарот за култура во Битола со почеток во 20 часот.
На концертот тој ќе го промовира албумот „Ne okreći se, sine”, кој неодамна го издаде. Шербеџија, кој со култната улога на Александар во филмот „Пред дождот“ на Милчо Манчевски, пред повеќе од четврт век беше дел и од големиот меѓународен успех на ремек-делото на македонската филмска уметност, изненади со овој албум – „Ne okreći se, sine“, традиционално, во издание на најголемата регионална дискографска куќа „Croatia Records“.
Новиот студиски албум на Шербеџија е создаден во време на короната, кога паузираше од филмската индустрија.
Најавен со хитот „Ето пјесме“, кој за него го напиша Хусеин Хасанефендиќ од „Парни ваљак“, Шербеџија албумот го сними со екипа одлични музичари на крајот на 2020: Давор Смотке Смоталиќ, Дарио Хлеб, Марио Игрец, Антун Сташиќ, Марјан Крајна и гостинот Дадо Маринковиќ.
Албумот вклучува и две соработки со Габи Новак и Матија Дедиќ во песната на Арсен „Од како те не волим те, те“, „Na nešto me sjeća taj grad“, која Раде Шербеџија ја отпеа заедно со авторот на песната Дарко Рундек.
Шербеџија ја напиша насловната песна „Ne okreći se, sine“ во 1989 година, со музика на Габор Ленгјел, а Марио Игрец направи нов аранжман.
М.М.