Фото: Маја Јаневска-Илиева

Двата натпревара со Романија ќе бидат тешки, без разлика каде се играат. Можеби нема да понудат ракомет убав за очи, но сигурно нема да недостигаат голема борба и максимално мотивирана Македонија, вели пикерот Пешевски. Македонија игра со Романија утре во Скопје и в сабота во Букурешт, а вкупниот победник во април ќе се сретне со Чешка, во решавачкиот двомеч за пласман на СП 2023

РАКОМЕТ – ПРЕД УТРЕШНИОТ ПРВ МЕЧ СО РОМАНИЈА ЗА ПЛАСМАН НА СП 2023

Македонската ракометна репрезентација продолжува со мини-подготовките пред претстојните бараж-дуели со Романија за пласман на Светското првенство (СП), кое в година треба да се игра во Полска и во Шведска. Првиот дуел е утре во Скопје, во СЦ „Борис Трајковски“ (19 часот), а реваншот е в сабота во Букурешт (17 ч.). Вкупниот победник ќе игра во април со Чешка, во решавачкиот двомеч за пласман на СП 2023.
– Дуелот со Романија е од големо значење за нас, за продолжување на баражот, а со тоа и меч со на Чешка за пласман на Светското првенство, и за продолжување на континуитетот на настапи на македонскиот ракомет. Двата натпревара со Романија ќе бидат тешки, без разлика каде се играат. Можеби нема да понудат ракомет убав за очи, но сигурно нема да недостигаат голема борба и максимално мотивирана Македонија. Ќе мораме да го искористиме што подобро првиот дуел, кој се игра пред наша публика, но, сепак, сѐ ќе се решава во реваншот во Букурешт – вели пикерот Жарко Пешевски.

Романија има богата ракометна историја, каде што овој спорт е мошне популарен. Од 1990 година нема освоен позначаен трофеј, но затоа, пак, во минатото има мноштво медали. Таа е четирикратен светски првак (1961, 1964, 1970 и 1974 година), а двапати била втора (1967, 1990). Од олимписките игри има четири медали, едно сребро (1976 година) и три бронзи (1972, 1980 и 1984). На СП последен пат играла во 2011 година, во Шведска. Најдобар пласман за Романија на ЕП е деветтото место во 1996 година.
– На двата натпревара со Романија одиме без еуфорија. Во овој момент не може сѐ да реши на еден натпревар. Се разбира, ова е бараж-дуел, па секоја топка, секој постигнат гол ќе биде многу значаен во вкупниот резултат и за конечниот победник. Максимално тренираме и сигурно ќе бидеме подготвени да одговориме на предизвикот што нѐ очекува против Романија – вели голманот Мартин Томовски.
Македонија игра за осмиот настап на светските првенства, а шести во низа. Судии на мечот во Скопје се Словенците Бојан Лах и Давид Сок, а делегат ќе биде Белгиецот Клаус Конвентц. Влезниците за дуелот Македонија – Романија можат да се набават онлајн на интернет-страницата на МК-тикетс, по цена од 100 денари.