Фото: Пиксабеј

Истражувачите се надеваат дека новата техника со звучни бранови, која има многу предности во однос на оние што се користат денес, би можела да поттикне регенерација на коските оштетени од метастази на рак или други дегенеративни болести

Научниците од австралискиот Кралски институт за технологија во Мелбурн, користејќи звучни бранови со висока фреквенција успеале за само пет дена да ги претворат матичните клетки во коска. Тие спроведувале десетминутни третмани со стимуланси еднаш дневно, покажува најновото истражување

– Звучните бранови го скратуваат времето на третман кој вообичаено е потребен за матичните клетки да почнат да се претвораат во коскени клетки. Овој метод исто така не бара никакви посебни лекови за коски и многу лесно се применува на матичните клетки – вели Ејми Хелми, виш соработник во австралискиот институт.

Матичните клетки имаат супермоќ да се трансформираат во кој било друг вид на клетка во телото што се уништува за време на процесот на стареење, болести, повреди и слично. Тие се извор на сите клетки на телото, а оваа способност за регенерација на оштетените ткива ги прави единствени во медицината.

За да се постигнат соодветни резултати, неопходно е намерно да се манипулира со матичните клетки.

Истражувачите се надеваат дека новата техника со звучни бранови, која има многу предности во однос на оние што се користат денес, би можела да поттикне регенерација на коските оштетени од метастази на рак или други дегенеративни болести.

Пристапот се заснова на долгогодишна работа на модификација на материјали со звучни бранови над фреквенции од 10 мегахерци, кои се многу повисоки отколку што истражувачите претходно користеле во таквите експерименти. Микрочипот бил искористен за трансформирање на матични клетки нанесени на силиконска плоча за одгледување култури.

И другите експериментални процеси во оваа област имале одреден успех, но биле покомплицирани за поставување, скапи за управување и тешки за размножување на ќелиите. Тие исто така бараат матични клетки да бидат извадени од коскената срцевина на пациентот, што е болна процедура. Новиот пристап со звучни бранови претставува подобрување на постапката во сите аспекти.

– Можеме да користиме звучни бранови за да ја примениме вистинската количина на притисок на вистинските места на матичните клетки, за да го започнеме процесот на промена. Нашиот уред е евтин и лесен за употреба, така што може лесно да се зголеми за да се третираат голем број клетки во исто време – од витално значење за ефикасно инженерство на ткивата – вели хемискиот инженер Лесли Јео.

Теоретски, овој пристап би требало да функционира и надвор од ограничените лабораториски услови, но научниците ќе мора да го докажат тоа. Ако успеат да го зголемат количеството на добиени клетки, постојат неколку начини да се користи оваа техника како третман, вели тимот.