Лидерите на САД, Германија, Франција и Велика Британија повторно ја повикаа Русија веднаш да ги повлече своите трупи од Украина.
Американскиот претседател Џо Бајден, германскиот канцелар Олаф Шолц, францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот премиер Борис Џонсон денеска разговараа преку видеоврска.
Шолц по разговорот рече дека воената операција против Украина мора да се отфрли „со сите можности што се на располагање“.
– Сега треба да се надеваме дека нашиот јасен став, дека нашите санкции … оставаат впечаток, и дека тоа отвора малку простор за дипломатски напори. Секој ден, секој час е важен. Мораме да го спречиме ова крвопролевање – истакна тој.
Портпаролот на германската влада Штефен Хебестрајт рече дека четворицата лидери се согласиле „оти заштитата на цивилното население мора да има највисок приоритет и дека Русија останува повикана веднаш да го прекине нападот врз Украина, кој е спротивен на меѓународното право, и целосно да ги повлече своите трупи“.
Хебестрејт рече дека разговарале и за понатамошни можности за хуманитарна поддршка и се согласиле дека „секој дипломатски напор за надминување на кризата заслужува поддршка“.