Пет екипи, важни, играат на сличен начин. Она што се случуваше во Германија пристигна тука. Привлечно е за гледачите и тие беа успешни. Јас сум од Каталонија, моето фудбалско образование потекнува од таму. Учам многу тука, научив многу во Германија, но моите принципи потекнуваат од таму. Ако бев роден во Германија, со идеите на Рангник, со идеите на Клоп, веројатно ќе го правев истото. Но јас го чувствувам фудбалот онака како што го чувствувам и не можам да го сменам. Секој мора да го прави тоа што го сака, вели Гвардиола
ПЕП ГВАРДИОЛА, МЕНАЏЕР НА МАНЧЕСТЕР СИТИ
Менаџерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола, објаснува како стана исклучок од правилото среде германската „тренерска револуција“ во Премиер-лигата во интервјуто за „Скај спорт“. „Исклучителен“ е зборот што Гвардиола го користи за да го опише својот тим Манчестер сити и тоа го мисли во повеќе од една смисла. Исклучителен затоа што Сити води во Премиер-лигата откако победи на 15 од претходните 17 натпревари (синоќа во градското дерби играше со Манчестер јунајтед), но и поради тоа што сѐ повеќе верува дека стилот на игра на неговиот тим станува исклучок во ова натпреварување.
– Со пристигнувањето на Џеси Марш во Лидс тоа е веќе тенденција. Пет екипи, важни, играат на сличен начин. Она што се случуваше во Германија пристигна тука – вели Гвардиола.
Петте екипи што тој ги спомнува се под влијание на истата тренерска школа. Марш му беше помошник на Ралф Рангник во Лајпциг, каде што Ралф Хасенхутл, тренерот на Саутемптон, го наследи Рангник во 2016 година. Томас Тухел од Челси играше под раководство на Рангник во Улм и го смета за свој ментор. Јирген Клоп се потпира врз истите идеи со кои го претвори Ливерпул во најголемиот ривал на Гвардиола во Премиер-лигата. Тимовите на Гвардиола еволуираа, играјќи побрзо во контранападите за да одговараат на квалитетите на играчите во Сити. Сепак, останува чувството дека директноста на тој стил, подготвеноста редовно да се загуби топката затоа што може брзо да се врати назад, колку и да е привлечна, уште му е туѓа. Неговите принципи се негови и не се менуваат.
– Пет важни тима и менаџери играат на тој начин. Транзиции, играње навнатре, висок пресинг, сите заедно, не е важно дали ќе ја загубиме топката затоа што ќе ја вратиме многу брзо во наш посед и повторно ќе нападнеме. Ова е неверојатно добра методологија и има длабоката тенденција во Англија. Многу е привлечно кога тоа го прават добро. Привлечно е за гледачите и тие беа успешни. Јас сум од Каталонија, моето образование, моето фудбалско образование потекнува од таму. Учам многу тука, научив многу во Германија, но моите принципи потекнуваат од таму. Ако бев роден во Германија, со идеите на Рангник, со идеите на Клоп, веројатно ќе го правев истото. Но јас го чувствувам фудбалот онака како што го чувствувам и не можам да го сменам. Секој мора да го прави тоа што го сака – изјави Гвардиола.
Фудбалерот сега е ист како пред 50 или 60 години
Пеп Гвардиола им верува на своите фудбалери, верува во топката. Играта стана побрза, поради промените предизвикани од контрапресингот, но идеологијата создадена во Барселона останува валидна.
– Фудбалерот сега е ист како пред 50 или 60 години. Можеби сега се физички посилни, затоа што тренираат подобро, но момчето што ја контролира топката, играчот од пред 60 или 70 години што беше исклучителен, ќе можеше да игра и денеска, сигурно – вели Гвардиола.